(видео)Игор Јадровски: За три месеци поднесени 13 претставки од етнички Бугари за дискриминација

Актуелната состојба со потпишаната преговарачката рамка со Бугарија, непризнавањето на македонскиот јазик,  дефинитивно го зголеми бројот на претставки по основ на говор на омраза и дискриминација, што изминативе три месеци се доставени до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, потврди при денешното гостување во емисијата Стадион, Игор Јадровски, член на оваа комисија.

„Имаме зголемување од мај наваму. Најчесто станува збор за вознемирувачки говор на социјалните мрежи. Морам да кажам дека ние во континуитет добиваме претставки за вознемирувачки говор на социјалните мрежи, но се менува основата. Во првиот квартал имавме најмногу за сексуален орентационен идентитет, од мај има голем пораст на претставки на етничка припадност. По однос  на претставки кои се поднесени за вознемирување или дискриминација врз основа на етничка припадност од страна на етнички Бугари има 13 претставки, “кажа Јадровски.

Од овие 13 претставки, две биле поднесени од физички лица, 11 од Здруженија на граѓани.

„Досега има две претставки за коишто имаме утврдено вознемирување, за една претставка нема утврдено дискриминација, пет претставки се отфрлени поради неуредност и за останатите, постапката е во тек,“ додава Јадровски.

Во врска со тоа на што всушност се жалат, Јадровски додава, дека во еден од случаевите кој е завршен пријавата била за дискриминација по основ на етничка припадност во работни односи, но таму не е утврдена дискриминација.Сите останати случаи се однесувале на некакви вознемирувачки коментари насочени кон бугарскиот народ на ФБ. Отфрлени се и оние претставки како неуредни затоа што нема потенцијален дискриминатор, односно во пријавата не може да се види тој потенцијален дискриминатор.Во две претставки има утврдено вознемирување,“ потенцира Јадровски, при денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background