(Видео) Весна Петрушевска: Насилниците се несигурни ликови што се јаки зад тастатура

Не го познавам лично учителот Мика Алексиќ. Неговата сопруга е извонредна професорка, но неговиот метод за едукација на децата е репресивен, исполнет со булинг, со навреди и вербална злоупотреба, па сега се слушна дека делел и шамари.Тоа е класичен пример на злоупотреба на деца во една педагошка смисла – изјави актерката Весна Петрушевска, која денеска гостуваше во најновото издание на емисијата Стадион. Зборувајќи за обвинувањата на низа српски актерки за сексуална злоупотреба од професорот Алексиќ, Петрушевска порача дека да се биде актер е едно, а учител по актерство е сосема друго.

 

„Оваа тема треба да се отвори кај нас, да видиме кој се’ работи со деца, особено за оваа уметност која е една од најубавите во светот“, додаде актерката.

„Имам зборувано со неколку негови ученици, мои колеги во врска со методите. Кога имате снимање, од детето треба да побарате да ја испорача потребната емоција за таа сцена. Јас работам по 2-3 метода и баш еден колега ми зборуваше за агресивниот метод што го практикува Алексиќ, но тој правел и некои добри работи во однос на едукацијата. Предаторот сепак, не бира пол или возраст и лошо е што ги казнувал децата,  исто така имал и строг кодекс на облека“, додаде актерката која се потсети и на своите студентски денови.

„На ФДУ професорите ги доживувавме како втори татковци. Тоа се авторитети, ние по 10 часа дневно учевме актерска игра. Мене прв професор ми беше Кире Ристески, сега е починат. Тој беше извонредно воспитан и пристоен човек. Професорите за нас се грижеа одмерено, внимаваа како се чувствуваме ние бидејќи знаеја дека работат со млади луѓе. Ни ја втемелија почитта кон театарската и филмската уметност, а тоа воопшто не е лесно. Кога јас студирав, ФДУ беше една од најдобрите академии. Имам извонредно искуство на мојот Факултет и верувам дека немаме таков пример бидејќи секогаш ФДУ се грижел за својот дигнитет“, изјави Петрушевска која беше прашана и дали  има примери на уцена кога се снимаат разголени сцени?

„Не, тоа е задача, тоа е поинаков дискурс. Постои посебна релација актер- режисер. Десет пати доаѓа режисерот и те прашува дали ти е удобно, дали е тоа оправдано затоа што голотијата не е оправдана по секоја цена. Друго е што ден денес во светот дискурсот на женски улоги е потчинет во однос на машките. Ние постојано гледаме улоги каде 65 годишни актери играат со 25 годишни актерки. Треба да се разговара за тоа, има малку женски улоги напишани“, изјави актерката која порача дека секогаш ќе стои во одбрана на жртвите на сексуално насилство.

„Ние дома имавме искуство што никому не го посакувам. Сексуалното злоставуање може да биде и вербално, никој нема право да ве навредува под вашата фотографија. Девојката Ана е многу храбра и не треба таа да се срами од своите фотографии туку да си размислат тие што се јаки зад тастатура“, нагласи Петрушевска. Според неа, родителите треба да ги учат децата да си го почитуваат своето тело и својот збор, да ги научат дека нема право никој да ги допре ако не сакаат.

„Девојчињата треба да ги научиме да не поднесат ниту едно сексуално вознемирување на социјалните мрежи, јас сум разговарала со девојчиња кои од вакво малтретирање и уцени завршиле со акутна психоза. Тоа се огромни штети по цена на личноста во развој и треба да се зборува за ова. Имате оддел за сајбер криминал кој очигледно е на стаклени нозе, има и Обвинителство кое по допрен глас треба да реагира и постапи“, додаде Петрушевска споделувајќи дека нејзиното искуство со институциите било макотрпно.

„Ние издржавме и предаторот си заслужи казна од 12 години, но тој пат треба да се издржи. Ако се борите, борете се до крај. Не е решение да се укине апликацијата, ние треба да се едуцираме, да имаме алатки за казна на предаторите од социјалните мрежи. Тие се лигавци, бесрамници, несигурни ликови кои се јачаат зад тастатура. Тие се дразнат бесрамно и мислат дека се јаки ако разменат некои искуства. Даваат цена на тоа девојченце, на нејзиното тело или фотографија. Тие не се поарни од реалните предатори, јас ги едначам на исто ниво. Тие не размислуваат дека има далекусежни последици сето ова“, потенцира Петрушевска во денешното издание на Стадион.

На крај, таа заклучи дека треба повеќе да се работи на рехабилитација на жртвите, да се разговара за менталната хигиена со психијатрите и психолозите.

  • Со умот нема шега, не се брише тоа со гумичка – порача Петрушевска.

Во етер
Наслов
Изведувач

Background