(ВИДЕО) Владлен Александров: Културата е остров на спасот за Македонија и Бугарија

Бугарскиот режисер Владлен Александров  смета дека проблемот помеѓу Македонија и Бугарија може да се надмине само преку културната соработка. Изминатата недела во кумановскиот театар се одржа премиерата на претставата „Драма изгубена во времето” од Сашко Насев во режија на Александров. Оваа пиеса предизвика голем интерес кај публиката и покрај ковид мерките кои се уште се на сила кога станува збор за одржување на културни настани.

Режисерот Александров вели дека многу често доаѓа во Македонија и уметничкиот порив е она што го спојува со нашата земја но и братството и заедничката историја и следствено таа историја да биде поврзана со културата.

„Мене ми е тешко да го коментирам тоа заедничка, општа или испреплетена историја  како политички момент. Мислам дека ние сме многу блиски народи, во мојата фамилија имам луѓе кои се со потекло од Македонија, имам Македонци од Кукуш кои што се преселиле во оние тешки времиња. Дел од темите на „Геноцид 21″ во Драмскиот театар на Љубиша Ѓеоргиевски беше тоа, таа
тема, за Егејците, за Егејска Македонија за преселувањето, насилството, идентитетот. Во таа смисла историјата на Македонија ми е многу блиска, многу се чувстувам како на своја земја, многу пријатели, контакти имам тука и секогаш кога доаѓам тука сум многу среќен и расположен да
работам”, вели Владлен Александров.

За претставата ќе каже дека пред секоја премиера има трема бидејќи театарот е живо искуство и многу зависи од публиката, од тоа како публиката дише, како гледа, како го восприема текстот.

„Многу сум задоволен од работата на екипата на театарот во Куманово, Центарот за култура…Ние одамна сакавме да работиме со Кети Дончевска Илиќ  и Горан Илиќ кои се врвни актери. Со Горан имам работено во струмичкиот театар на претставата „Сон на летната ноќ” може пред 20 години. Прекрасна претства, тогаш  една млада екипа влезе во продукцијата на претставата, земаа награди на фестивалот „Војдан Чернодрински”, Васил Зафирчев тоа беа неговите почетоци, прва улога. Искрено можам да кажам дека секоја следна претства е како прва, секогаш е прва претстава, тоа е како бебето кое се раѓа и сите треперат да видат што ќе се случува со него”, вели Александров.

Тој смета дека во моменталната состојба во која се наоѓаме со ковид пандемија, политичките турбуленции во Бугарија и Македонија, културата е остров за спас на народот. Затоа што уметноста е духот на душата, без дух каде сме, тогаш за што живееме. Вели дека режисерот Сашко Насев  многу добро тоа  го објаснил  во текстот, тоа е една од темите за недостатокот на духовното, недостатокот на смислата на живеењето. Поентата на текстот е да се натера публиката малку да се замисли.

„Јас во Бугарија имам режирано многу комедии, во моментов двете од најактуелните комедии на бугарскиот театар се мои, едната веќе има 300 изведби, а другата 200, едната се игра 9 години, а другата 7 години. Но не може само да се прават комедии, ни требаат претстави на кои публиката треба да се замисли за своето битие, за својот живот”, вели режисерот.

Тој смета дека треба да се работи на полето на културата на двете земји,  затоа што културата е лек за се. Според него срамота е толку години да нема еден добар  пат до Софија, железничка пруга, но тоа е моменталната политичка ситуација и состојбата помеѓу нас.

„Мене ми се чини дека поважно е да се среќаваме културните дејци од двете страни, тоа е важно. Сега со Сашко сме во преговори да направиме еден голем проект бугарско – македонски. Да видиме дали ќе се случи на основата на биографијата на Гоце Делчев.

Треба да ги почитуваме нашите предци и почитта еден кон друг. Не залудно кажал Гоце Делчев  „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите”, таа мисла е генијална, јас не знам колку е автентично тоа но на него го припишуваат и тоа е генијално. Во таа смисла јас сметам дека најважно е да сретнеме на полето на творештвото, уметноста. Ова мене ми е 10 –та претстава во Македонија, немам никакви проблеми. Јас бев 15 години директор на Пазарџискиот театар еден од најважните театри во Бугарија, две големи претстави имам направено на Горан Стефановски „Тетовирани души” и „Диво месо” со режисерот Љупчо Ѓеоргиевски од битолскиот театар. Многу соработувавме, немаше театар од Македонија  што не гостувал. Сега политичките односи помеѓу двете држави не ни се најдобри, не знам до каде ќе стигне таа работа. Верувам дека културата е лек за се. Јас со кој да водам конфликти? – Со Сашко Насев? – Македонскиот културен центар во Софија, кој што го води е најактивниот во Бугарија. Со Венко Андоновски мојот стар пријател на кој
сум му правел две претстави, со Бато Димитров ли да војувам?!’, раскажува Александров.

Политиката и во Бугарија ги подели уметниците, посебно во последните години на заштитници на ГЕРБ, за Бојко Борисов, некои против него и тоа многу ја усложнило работата, иако некои уметници тоа зад грб го оставаат како да не се случило. Ако се создаде Влада оптимист е дека ќе се најде решение до крајот на годинава.

„Во моментов имаме многу разумен претседател Румен Радев и јас мислам дека тој ќе најде начин со вашиот претседател Пендаровски, со премиерот Заев да направат една општа гледна точка за проблемите”, изјави Владлен Александров во интервју за „Стадион” на Радио Канал 77.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background