(Видео) Или потврда за вакцина или негативен брз тест: Дојчиновски за настапите на 36-тото издание на Макфест

Учесниците на Макфест треба да приложат сертификат за вакцинација, а доколку не се вакцинирани им се прави брз тест пред настапот – објасни уметничкиот директор на фестивалот, Владимир Дојчиновски во денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77. Тој рече дека организаторите прават се’ што можат за безбедноста да биде на највисоко ниво.

Според Дојчиновски, ова фестивалско издание, кое е второ по ред во услови на пандемија, претставува вистинска радост за изведувачите.

„Радост е во едно вакво темнило да видиме малку светлина и да се олабавиме со добра музика“, изјави тој за Канал 77.

Дојчиновски посочи дека на конкурсот пристигнале стотина композиции, а одлуката за тоа која од нив ќе може да биде изведена на Макфест, ја донела жири комисија во која биле вклучени и професионални музичари од Штип.

 

„Преслушувавме, бодувавме и од конкурсот одбравме 12 композиции, другите се по систем на нарачки затоа што ни требаат и познати имиња, како од пејачи така и од автори. Мислам дека имаме одлични композиции“, оцени уметничкиот директор.

„Жал ми е што само петмина ќе одат натака, но таков е системот. Се надевам дека ќе гледаме неизвесна вечер во смисла на натпреварувањето. Огромен е интересот од публиката и мислам дека ќе имаме убава вечер“, додаде тој.

Според него, секое издание на Макфест е посебно, бидејќи самиот фестивал има доживеано многу трансформации.

 

„Макфест опстана, немаме интернационални вечери и според мене, треба да создава нови ѕвезди. Затоа направивме посебна вечер за луѓе кои не настапиле досега, бидејќи Макфест генерира имиња, а на сцената и’ е потребно освежување. Секако тука се пријателите кои даваат придонес кон музиката, денеска ќе имаме двајца повеќекратни победници на Макфест, наградени музичари. Мислам дека ќе имаме убав фестивал и една неизвесна, но убава вечер. Нека си победат најдобрите“, порача Дојчин.

Прашан дали се размислува во иднина оваа музичка манифестација да добие и интернационален карактер, тој истакна дека тоа е стратегија која треба да ја направи самата Општина.

 

„Сега како што е концепиран е за домашна употреба и гледаме да го направиме што поквалитетен во таа смисла“.

Дојчиновски се осврна и на влијанието на пандемијата врз музичката гранка, оценувајќи дека помошта за неа требало да се сфати посериозно.

„Имам колеги кои беа многу погодени од ситуацијата, луѓе кои живееја само од музика. Некои од нив почнаа да рабтат други работи, па сега се прави комора на музички здруженија и ние да даваме придонес кон државата во однос на плаќање даноци“, додаде уметничкиот директор на фестивалот Макфест, кој се одржува 36-та година по ред.

Годинава Макфест се отвори со класичен стил на музика, со што пред официјалниот натпреварувачки дел настапи штипјанката Елена Голомеова со интернационална оперска кариера.

Освен Дојчиновски, таа исто така гостуваше во денешното издание на Стадион.

Неслучајно поминувам на овој фестивал бидејќи во 1994 година Макфест за првпат создаде и фестивал за детски песнички. Беше предвидено тоа да биде подмладокот на идните пејачи. Ја интерпретирав „Тина татина“,. Драга ми е оваа сцена, целата приказна почнува од овде.  Што и да правите во животот и во некои подоцнежни работи, секогаш ќе ви биде во меморија вашиот прв настап а мојот беше во Домот на култура „Ацо Шопов“ на првото „Весело штурче“, па таа песна беше наградена и од МРТВ – истакна Голомеова.

Таа смета дека ваквиот начин на отворање на фестивалот бил интересна идеја.

„Во нашата професија секогаш се’ е екипно, изведувачот ги изведува нумерите, но во позадина има други луѓе кои се виновници за тоа да се направи така“, додаде Голомеова.

Зборувајќи за пандемијата и музика, рече дека во Франција, каде живее и настапува, работите биле во стагнација.

„Многу патевме поради тоа и полека, полека работите се враќаат во нормала. Се  надевам дека ќе ги изработиме договорите кои ни беа понудени, но само нека почне тоа, бидјеќу музиката не е само за нас кои живееме од неа, туку на сите луѓе во овој тежок период“, изјави таа

Зборувајќи за проектите кои ги подготвува пак, таа посочи дека утре се враќа во Франција, по што повторно ќе дојде овде и ќе настапи пред домашната публика во МОБ.

 

В. Ми


Во етер
Наслов
Изведувач

Background