Заинтересирани сме да бидеме признати од сите цркви, а не од дел – Владиката Тимотеј во „Стадион“ за одлуката на Вселенската патријаршија и преговорите со СПЦ

Оваа одлука не е посебно воодушевувачка бидејќи со неа не се решава статусот на нашиот црковен проблем, рече Митрополитот на дебарско-кичевската епархија Владиката Тимотеј во неговото гостување во „Стадион“ на Канал 77, зборувајќи за одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае МПЦ-ОА за канонска.

– Ова, народно речено, значи дека Владиците, свештенството, верниот народ ќе може слободно да комуницираат, да се причествуваат и да сослужуваат – да се чувствуваат рамноправно со другите православни народи и цркви, но без решен статус на самата црква, вели Тимотеј, потенцирајќи дека натаму ова треба да се решава со Српската православна црква од каде излегува јерархијата на нашата црква.

Тој вели дека разговорите со СПЦ продолжуваат се додека не се реши статусот за автокефалност, што е желба на сите.

На прашање дали има некаква промена во ставот на СПЦ по одлуката на Вселенската патријаршија, Владиката Тимотеј не сакаше да коментира затоа што, како што вели, нема официјален коментар од нивна страна.

Бидејќи во јавноста постои нејаснотија во однос на името, дали може да се користи македонска црква или тоа е црква на Северна Македонија, или пак само Охридска Архиеписхопија, Владиката вели дека во овој момент не може да зборува за детали.

– Во овој момент не би се впуштал во детали затоа што не сме во преговори, ниту пак разговори или во преписки за да можам да кажам. Но едно сакам да потенцирам, ние како МПЦ никогаш нема да се откажеме од двете имиња кои ги поседуваме – Македонска православна црква и Охридска Архиепископија, рече Владиката Тимотеј.

Тој вели официјални ставови  и реакции во однос на ваквата одлука на Вселенската партријаршија од останатите цркви немало, а сето она што се појави во медиумите вели е од аналитичари или заинтересирани луѓе кои „наводно ја следат и разбираат црковната политика“.

 

– Изненаден сум од реакциите како бугарската црква претендира дека Охридска Архиепископија била нивна историја, но Охрид не е во Бугарија пред се? Многу нешта доаѓаат од Бугарија во последно време, па и ова е изгледа така, рече Владиката.

На прашање дали можеме да очекуваме автокефалност по неколку години, по примерот на украинската црква, Владиката вели дека ние сме заинтересирани за решавање на статусот, но нема да играме игри за да имаме делумно признавање на нашиот статус.

 

– Ние сме заинтересирани да бидеме признати од сите, а не од еден дел од црквите, вели Владиката Тимотеј.

Дали доколку СПЦ се согласи во името на нашата црква да го има зборот „македонска“ би можеле да добиеме томос од Вселенската патријаршија, тој вели дека не може да прејудицира.

 

– Дали едните ќе не викаат вака или онака тоа не треба да не загрижува. Зад Охридска Архиепископија има десетвековна историја, но ние нема да се прекрстуваме, рече Владиката, коментирајќи дека грчкиот блок на цркви може да не нарекува Охридска архиеписхопија, а на другите на кои не им пречи МПЦ, ќе не нарекуваат македонска, или пак и едното и другото.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background