Неколку предлози за здрав појадок
Во продолжение ќе пронајдете два предлога за оригинален појадок. Доколку денес веќе сте појадувале, тогаш утрешниот ден е вистинското време за да ги испробате овие два рецепти. Започнете го денот со здрав и лесен појадок!
Појадок во тегла
Навечер, пред да одите во кревет, измешајте неколку состојки во некоја тегла, а наутро кога ќе се разбудите ќе имате веќе подготвен појадок.
Најпрво подгответе ја основата, на тој начин што во теглата ќе ставите:
- 35 грама овесни снегулки
- 1 лажичка мелено ленено семе
- 80 милилитри млеко по избор
- 85 грама грчки јогурт
Потоа, врз основата ставете ги вашите омилени вкусови. Ви предлагаме вкусови кои можете да ги комбинирате, како на пример:
- 3 лажички рендан морков, една рака бадеми или ореви, лажичка цимет, лажичка мед.
- Вишни, малини, рибизли и изрендајте малку кора од лимон.
- 2 лажички мед, 1 лажичка какао, една рака свежо исечкани јагоди, 2 изрендани коцки црно чоколадо.
- 2 лажички мед, исечкана банана, рака ореви и ананас.
Теглата со омилените комбинации оставете ја да отстои во фрижидер преку ноќ, а наутро кога ќе се разбудите ќе имате интересен, хранлив и здрав појадок.
Смудито е хранлива напивка, која доаѓа директно од блендерот. Тоа е и лесен и едноставен начин за да не постојат повеќе изговори дека не јадете овошје и зеленчук кои не се термички преработени. Предноста на овој вид појадок е во тоа што можете да експериментирате, без можноста да погрешите бидејќи можете да го прилагодите според вашиот сопствен вкус. Неопходни работи за да направите смуди се: блендер, неколку производи кои сигурно веќе ги имате во вашата кујна и 5 минути! Погледнете неколку идеи:
Спанаќ и брокула
Во блендерот ставете:
- Спанаќ
- Брокула
- Киви
- Јаболка
- Ѓумбир (помало парче)
- 200 милилитри вода
Јаболка и ананас
Во блендерот ставете:
- Половина банана
- Ананас
- Јаболка
- Праска
- Ѓумбир
- 150 милилитри вода
Праска и морков
Во блендерот ставете:
- Праска
- Јаболка
- Морков
- Целер
- Половина лимон
- 150 милилитри вода
Во секое смуди можете да додадете јаткасти плодови (ореви, бадеми) а ние ви препорачуваме од една до две лажички ленено семе, лажичка мед и лажичка цимет.
Муслите се појадок кој се спрема за 5 минути, а е многу хранлив, здрав и прави да се чувствувате сито. Тоа што сакаме да го нагласиме е дека не треба да купувате готови, веќе спремени комбинации од разни чоколадни и овошни мусли, бидејќи тие се преполни со шеќер и воопшто не се здрави. Отидете во најблиската продавница за здрава храна и купете ги следниве производи:
- Овесни или пченични снегулки
- Сончогледови семки
- Ленено семе (препорачуваме сомелено)
- Суво овошје (грозје, смокви…)
- Половина банана, мед, кефир, (може млеко, јогурт)
- Јаткасти плодови по сопствен избор
Во чинија ставете овесни или пченични снегулки, додајте сончогледови семки, ленено семе, суво овошје по избор, лажичка мед и исечкана банана. Овие состојки можете да ги прелиете со млеко по избор, јогурт, а ние ви препорачуваме и кефир – еликсирот на младоста.
Превземено од КафеПауза