Ние и сега имаме пристап до европски фондови, но не сме доволно компетитивни, согласни се режисерката на „Преекспонирано“ и еден од главните актери

Ние и сега имаме пристап до дел од европските фондови, конкретно ете имаме до програмата „Медиа“ и македонски филмови имаат добиено средства од оваа програма. Проблемот е што не сме доволно компетитивни, затоа што овие фондови имаат критериуми. Пример тоа е публиката, а за копродукција е потешко со европска земја заради трошоците за правење филм, едноставно ќе ве чини повеќе да ја направите постпродукцијата. Мислам дека и сега постојат можности, но обемот на филмска продукција и финансиите кои ги имаме, не се конкурентни, истакна во емисијата „Стадион“ на Канал 77 режисерката на македонскиот филм „Преекспонирано“ Елеонора Венинова.

На прашање зошто филмот се промовираше во странство, во Египет, а не дома, вели дека повеќето режисери го прават тоа затоа што филмските фестивали имаат критериуми и мора таму филмот да ја има светската премиера. Сепак според неа добро е што за филмот се слуша пред да дојде во нашите киносали и така се привлекуваат гледачи.

– Тој дигитален живот или достапноста на се, влијае на се, а важи и на филмовите. Позитивно е тоа што ако заврши нашиот филм на некоја дигитална платформа ќе го гледаат луѓе што не го ни барале, но од друга страна кога ќе го ставите филмот таму тој не ги исполнува критериумите за одење по фестивали. Сега дури и Нетфликс мора да ги чува филмовите неколку недели во кино, за потоа да може да конкурира за некои награди и фестивали, вели Венинова.

Со неа гостин во емисијата беше и Благој Веселинов, еден од главните актери во филмот, кој вели дека „Преекспонирано“ е филм во кој секој може да се пронајде, бидејќи го третира човекот.

– Каде и да се појавевме ни зборуваа за тоа колку им се допаднал филмот и дека можат да го сврстат во Египет и во тоа што се слулчува таму, без разлика на религијата, вели Веселинов.

Дека темата е универзална кажува и Венинова, според тоа што им го кажувале луѓето по филмот.

– Насловот во случајов е фотографски термин затоа што Камка, главната актерка, се занимава со преекспонирани фотографии и тоа е директно поврзано со насловот. Темата во мојот филм е како луѓето живеат во брачни заедници, не третирам типично македонско семејство или сл. На француските продуценти пак тоа можеби и им пречеше, тие ме советуваа да ставам сцени со цркви и сл за да му дадам локален шмек. Мене тоа ми пречеше, затоа што тоа е нивен стандард за локално, за тоа како тие не гледаат нас овде на балканот. Моите ликови во филмот не се религиозни и нема потреба да има такво нешто во филмот, за да им биде интересно на некои продуценти, вели Венинова потенцирајќи дека филмот не е експлицитен и оти сцените во Европа би биле категоризирани како 12+.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background