Сѐ за храна: Домашен џем од боровинки
Некои го нарекуваме слатко, некои мармалад, а некои џем, како и да е, има одличен вкус кој е најдобар кога е домашно. На ваше барање, домашен џем од боровинки!
Рецептот е составен за мала доза, а по желба може да ја зголемувате. Ако сакате да имате за подолго време, препорачуваме барем двојна доза на состојките. Издвојте малку време, а потоа долго уживајте во вкусот.
Состојки:
- 1,7 кг боровинки
- 800 гр шеќер
- 1 лимон (и сокот и кората)
- 2 лажички цимет
- ½ лажичка морско оревче
- 170 мл течен пектин (во замена може да се користи џем фикс, припремен според упатството).
Подготовка:
- Боровинките и шеќерот ставете ги во сад на оган.
- Кога боровинките ќе почнат да вријат, во садот додадете ги сокот и кората од лимон, циметот и морското оревче.
- Оставете џемот да врие 15 до 20 минути, а повремено мешајте го за да не загори.
- При крајот додадете го пектинот и варете уште 5 минути.
- Садот тргнете во од оган, а џемот ставете го во чисти и стерилизирани загреани тегли, оставајќи 1 см од почетокот или горниот дел на теглата. Полните тегли затворете ги со капак.
- Во голем сад на оган ставете решетка. Врз неа ставете ги теглите и налејте вода во садот, за да ги прекрие затворените тегли.
- Кога водата ќе зоврие, варете 10 минути, па тргнете го садот од оган, извадете ги теглите и оставете ги да се ладат околу 24 часа. Доколку капаците се вовлечени надолу кон теглите, тогаш теглите се добро затворени и вакумирани. Чувајте ги на темно и ладно место до 1 година. Во случај да не сакате да ги варите теглите, џемот чувајте го во фрижидер и секако јадете го што поскоро.
На здравје!
Превземено од: sezahrana.mk