Сѐ за храна: Стар рецепт за слатко од кора од лубеница
Старите, традиционални рецепти се едни од најубавите. А овој пат благодарение на Клара ви претставуваме стар рецепт за слатко од кора од лубеница.
За ова слатко таа вели: „Рецептот за слаткото ми е од изданието за храна „Софра“ од далечната 96 или 97 година. После толку години повторно сега пак си го направив, а ова едно од најубавите слатка за мојот вкус“.
Состојки:
- 2 кг исчистени кори од лубеница
- 2 кг шеќер
- 3 лимони (само сокот)
- 8 лажици винска киселина
- 900 мл вода.
Подготовка:
- Најпрво, одберете лубеница со дебела кора. Се користи само белиот дел од кората, излупен од горната зелена цврста кора. Потоа се сецка на ситни коцки. Коцките се ставаат во тенџере со ладна вода. Во тенџерето додава киселината и се остава така да стои цел ден.
- После тоа, водата се процедува и се налева ладна вода во која слаткото се вари 5 минути. Се истура водата и повторно се налева ладна вода. Се остава да врие 5 минути, па се цеди. Постапката така се повторува уште 5 пати.
- Шеќерот, сокот од лимоните и водата се ставаат на оган да се варат, додека се добие густ сируп. Варениот сируп се трга од огнот.
- На крај, парчињата лубеница се ставаат во сирупот од шеќер и вода.
- Слаткото се вари додека се добие потребната густина, се отпенува и се покрива со натопена и добро исцедена платнена кујнска крпа. Потоа, се остава да преноќи.
- Во предходно стерилизирани и изладени тегли се става слаткото и се затвора со капаци или со целофан натопен во алкохол и се стега со гумичка.
- Вака приготвеното слатко од кора од лубеница е многу вкусно, а особено добар шмек му дава доколку го послужите со издробени ореви.
- На здравје!
Рецептот го испратил: Клара Бос.
Превземено од: sezahrana.mk