Белчева Андреевска: Профит за малкумина штета за граѓаните на Центар (ВИДЕО)
„Комуницираме со градоначалникот професионално, како и претходно пред мојата оставка “, изјави Јана Белчева Андреевска, советничка во Општина Центар во „Стадион” на Радио Канал 77.
„Тоа со модерна технологија може многу едноставно да се направи, јас за тоа зборувам со години веќе и тоа за жал не ми поминува. Второ што е многу важно е одлуките да бидат аргументирани и секогаш базирани на некакви показатели преку кој ќе може да се следи импактот. Ако ние носиме одлуки без реално мерливи вредности, влезни и излезни тогаш не сум сигурна дека таквата одлука е исправна или не. Јас многу пати сум пишувала и свое издвоено мислење за некоја одлука за која сум сметала дека не е базирана врз доволно аргументи, но мнозинството ја гласало, а јас сум морала да потпишам”, вели Белчева Андреевска.Таа смета дека Општина Центар треба да биде лидер и предводник, со процес на дигитализација но не само на услугите за граѓаните туку и дигитализација на вкупните процеси.
„Отворени бази на податоци кои меѓусебе ќе комуницираат, една хоризонтална поврзаност помеѓу секторите за да може низ сите податоци да се прави интеграција која ќе овозможи моделирање на процесите за да се носат одлуките. Имавме поддршка која можевме да ја добиеме дури и од меѓународни фактори да бидеме прва општина која ќе добие дигитализиран Совет во целост. Советот и понатаму покажува отпор кон дигиталното работење, ние бевме првиот Совет кога се случи кризата со пандемијата организираше електронско работење. По мојата оставка, Советот се врати во една просторија да работи според мене многу ризична”, вели Белчева Андреевска.На ова градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ вели дека кога дошол на местото градоначалник наследил многу обврски кои требало да ги заврши, за да може да почнат нови.
„Поздрав за иницијативите кои што ги имавме, некои од нив се во фаза на подготовка. Конкретно за одлуката која требаше да се донесе за одржување на онлајн седница, прво требаше да се направат одредени измени кои требаше да бидат поткрепени со закон и процедури. Имаме одвоено средства и треба да заврши набавката за е-совет”, вели Богдановиќ.
Пречекорувањата на параметрите во урбанистичките планови не се случуваат заради некакви апетити на сите тие сопственици, туку на големи играчи во градежниот бизнис кои наоѓаат начин како да реализираат своите апетити не почитувајќи ги ограничувањата кои се ставени со главниот урбанистички план, вели актуелната советничка од Општина Центар.
„Ваквите интереси редно време е да покажеме дека не може да доминираат. Не можеме да носиме политики и одлуки кои ќе им служат само на мал број луѓе. Жал ми е дека тие релации се многу силни и дека ние како поединци не можеме да ги прекинеме. Тука владеењето направото, она што Европа го бара од нас треба да биде главниот инструмент со кој ќе се бориме да ги донесеме законски сите нови урбанистички планови без да попуштиме на било кој притисок и да останеме доволно отпорни на сите овие интриги кои ни се случуваат со планерите”, вели Белчева Андреевска.
Ние со короната видовме дека ни треба слободен простор, јавен, зелен и во вакви моменти кога не е дозволено групирање да излеземе со нашите деца и да се чувстуваме безбедно. Ослободувањето на просторот за да му биде вратен на човекот е еден од основние принципи по кој се градат европските градови, појаснува Белчева Андреевска.