„Билет во два правца“: Преземените мерки безуспешни, Истокот се празни

Радио Канал 77 од денеска почнува со серија радио приказни на тема „Миграции и заминувањето на младите луѓе“. Има ли можност да добијат пристоен живот во земјата во кој се родени, дали се вреднувани од заедницата и општеството воопшто? На овие прашања низ радио приказните, видео материјалите и текстовите на интернет.

Македонија е далеку од Европската Унија , но стотици нејзини граѓани, веќе се нејзини жители. Некои заминуваат од економски причини, некои од политички, други во потрага по подобро образование, некои за да го видат светот, трети поведени од својот авантуристички дух.

Која и да е причината, кој и да е причинителот, факт е дека Македонија од ден на ден се празни. Патот надвор од Македонија, најчесто е еднонасочен.

Сепак не купуваат сите билет во еден правец. Делчевецот, Борко Веселиновски како младо момче ја напуштил Македонија, но не ја заборавил својата земја. Семејството, пријателите, родната грутка, носталгијата, биле пресудни дел од бизнисот да пренесе и во Македонија. Според него за добар и успешен бизнис, администрацијата во Македонија мора да сфати дека таа мора да биде во служба на бизнис секторот а не обратно.

Дваесет и седум години ја пишува својата успешна приказна во Швајцарија, делчевецот Борко Веселинов. Меѓу делчевци важи за еден од најуспешните бизнисмени и наши иселеници кој успеал да напише успешна иселеничка приказна. Кога заминал во Швајцарија како дваесетгодишно момче, не помислувал дека животот ќе го гради во туѓина, но плановите и реалноста во земјава се две различни нишки кои, сепак, биле пресудни тој да остане во Швајцарија.

„Ситуацијата кај нас во Македонија од економска гледна точка во континуитет, не се подобрува многу. Кога ќе  добиеме работно место, кога формираме семејство, веќе тука ги пуштаме сопствените корења, на тлото кај што си заминал и мислам повеќе и не го поставуваме прашањето кога ќе се вратиме назад. Во Швајцарија имам фирма за ентериер, или поточно за технички тавани и подови. Фирмата е мала, многу повеќе работам логистика за големи компании“, вели Веселинов.

За жал, Македонците најчесто го работат тешките физички работи

Борко живее во Монтро во Швајцарија, во областа на Лозана, каде има околу 2-3 илјади  Македонци, најмногу од Делчево, но и од Струмица.

„За жал ќе морам да кажам, македонската дијаспора не е една од подобрите, мислам на капацитетот на работната сила. Значи еден голем дел доаѓаат сезонски, најмногу да работат тешка и физичка работа, како лозја,  градежништво“, образложува Веселинов.

Носталгијата го влече и овој човек за родната грутка за старите родители и пријатели, затоа и отворил фирми во Македонија, од областа на градежништво, но и угостителство.„Но, искуството од условите за бизнис во Швајцарија и овие во Македонија се многу различни, дури депримирачки и за тие кои имаат намера тоа да го направат“, вели Борко.

„Од мое гледиште кога сум поминал 27 години во Швајцарија, разликите се големи, потенцијалот е многу мал во Македонија, администрацијата мора да сфати дека е во служба на бизнис секторот на граѓаните и не се број 1 во таа приказна,  и таа треба да биде сервис на граѓаните“, смета Веселинов.

Ниту Индустриските зони не ги задржуваат младите

Во Делчево се изградија неколку индустриски зони, но и ТИРЗ зона со поддршка од Владата, но засега нема никакви инвестиции во нив. Од Општина Делчево не ја споделија со нас Стратегијата која ја имаат за привлекување на инвестициите на иселениците, но затоа пак од соседната Општина Пехчево, градоначалникот Игор Поповски, истакна дека во оваа општина приоритет е изградбата на инфраструктурата како еден од предусловите за подобри услови  за инвестиции.

„Имаме направено, еве само во мојот мандат индустриски нови зони, во коишто ги анимираме фирмите, се трудиме да направиме соодветни услови за сите што сакаат да инвестираат, веќе се појавија нови инвеститори. Сите парцели ни се продадени. Значи после некоја година, јас верувам дека голем број од граѓаните, ќе дојдат да инвестираат тука“, вели Поповски.

Анкета на НВО Амброзија: Јаки локални бизниси – една од препораките да се задржат младите

Сепак, според истражувањата што ги вршеше НВО Амброзија од Пехчево, 35% од веќе иселените анкетирани испитаници  би се вратиле назад доколку има стабилна работа, 27 % намалено политичко влијание , а 17 % отпочнување сопствен бизнис.

„Ова е серизиозен проблем, кој пред се’ треба да биде третиран од страна на државните релевантни институции , да се обезбедат пакет мерки  за поддршка на локалните економии, за поддршка  за подобрување на квалитетот на живеење на овој микро регион. Дури имаше препорака да се стимулираат локалните бизниси кои се активни или би биле активни во овој регион, со оглед на тоа што условите за водење бизнис во ваква рурална средина се многу понеповолни во однос на Скопје и другите поголеми градов“,

вели Јасминка Пашалиска Андоновска од НВО Амброзија.

Кога и дали ќе се вратат успешните иселеници во родниот крај со свои инвестиции е прашање кое засега без одговор, но фактот дека многу млади бегаат од малите градови од Истокот со намера да ја напишат својата успешна приказна по белиот свет, остава горчлив вкус и мисла дека Македонија ги губи своите успешни деца.

Мислењата искажани во оваа содржина, не нужно го рефлектираат ставот на Канал 77 или неговиот донатор.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background