(видео)Ангов: Од летувалиште на сиромашни, Дојран ќе стане туристички центар на Балканот
Општина Дојран изминативе години доживува ренесанса и станува се поатрактивен за вложувања во елитен туризам. За тоа зборува фактот што за прв пат по речиси десет години се продадени голем број на парцели, изјави градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов во денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.
„ Имаше голем интерес за купување на плацеви. За 20 парцели општината оствари 550.000 евра приход. Дојран станува се поатрактивен, се повеќе се бара парцела плус. Во последните пет месеци во општинскиот буџет се слеани над 100.000 евра по основ на данок на промет. Тоа е предуслов за една општина да ја раздвижи економијата. Се инвестира во туризмот, се инвестира во приватните сместувачки капацитети, така што несомнен е фактор дека Дојран доживува ренесанса,“ вели Ангов.
Ако Дојран порано се етикетираше како летувалиште за сиромашни сега се повеќе расте интересот и за поголеми инвестиции, тврди Ангов.
„ Влегуваат крупни инвеститори кои се интересираат за изградба на големи туристички комплекси. При последната продажба се купија две парецели од 4000 и 5000 метри квадратни, а обврзувачки услов беше да се изгради 30% од бруто развиената површина. Тоа значи 1500 м2 објекти наменети за сместување,“ додава Ангов.
Тој вели дека има интерес и од странци. Тие посебно се заинтересирани за казинскиот дел.
„Сакаат да купуваат земјиште за изградба на казина-хотели, на комплекси…,“ тврди градоначалникот на општина Дојран.
Во врска со ширењето на Дојран како општина, Ангов вели дека таа ќе се одвива кон границата со Грција. Така било предвидено по урбанистичкиот план. Ќе се настојува да се поврзат Нов и Стар Дојран, а се купуваат плацеви и во населбата Николич, каде локалната самоуправа планира формирање на авто-камп кој што дополнително ќе го развие овој дел од општината.