(видео)Цели педесет години „А бре Македонче“е третирана како народна песна

„ Нека разберат денешните тирани,
македонско име нема да загине“

Ова се оргиналните стихови во текстот на песната „А бре Македонче“ за прв пат испеана во далечната 1941 година во прилепското село Царевиќ кога е одржан и првиот митинг во окупирана Македонија, потврди во денешното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77, внукот на авторот на песната Александар Трајковски, музиколог.

Автор на музиката кој што заедно со Коле Чашуле го создаваат и текстот е Ордан Михајловски-Оцка.

Дебатата се наметна по реакциите во јавноста дека на изведбата на песната на прославата на „11 Октомври“ во Куманово направена е произволна измена на текстот, за што од надлежните беше дадено образложение дека се користела само поинаква верзија на песната.

„Најпопуларниот стих „клетите фашисти“, воопшто не е дел од првичната верзија, но, тоа не дава за право да кажеме дека стихот „денешните тирани“ бил цензуриран и заменет со „клетите фашисти“била различно пренесувана и прифаќана,“вели Трајковски.

Тој додава дека Оцка не само што бил музичар, тој и пишувал и е автор на првата партизанска репортажа.

„Токму за настанот во селото Царевиќ, направил прилог кој бил објавен во илегалното списание „Народен Глас“ кое излегувало во Прилеп и во таа репортажа на крајот тој забележува-„Сите ние грмнавме во еден глас!, а напишани се и стиховите од песната. Тој во својата репортажа го има напишано тоа и тој запис точно кажува кои зборови биле употребени. Потоа со текот на времето, наместо „денешни тирани“се вметнувале „клетите фашисти“, па има „крвави фашисти“. Песната веднаш доживеала голема популарност и имало многу преработки од врвни македонски композитори“ додава Трајковски.

Инаку цели 50 години песната е третирана како народна песна, па и сите опции и верзии се прифатени и пеени од народот.

Авторските права за песната се признати дури во деведесетите години од минатиот век.

„Моето семејство има добиено официјален документ со кој Сојузот на композитори на Југославија го признава авторството на Ордан Михајловски-Оцка на песната „А бре Македонче“ и дел од текстот заедно со  Коле Чашуле. Цели 50 години песната е водена како народна. Во учебниците по македонски јазик и по музичко воспитување таа песна секогаш била третирана и запишувана како народна песна,“ вели Трајковски

Дури во седумдесетите години, додава, се покренува прашањето за нејзиното авторство, благодарение на академик Блаже Ристовски кој прави истражувања околу тоа  и во весниците во тој период се појавија наслови „Пронајден авторот на -Ај бре Македонче. Тука се вклучуваат со свои потврди, со свои забелешки академик Властимир Николовски, музикологот Јелица Тодорчевска, се вклучуваат и соборци и современици на Оцка кои дискутираат и потврдуваат како е настаната песната и врз основа на тоа се се проширува и официјалното барање од семејството за прашањето за авторството на композицијата кое подоцна е признато.

„ По актуелизирањето на прашањето, во средината на седумдесетите години, авторското право е признато дури во деведесетите години,“ изјави во денешното гостување во емисијата Стадион, Трајковски.

Според законот за авторските права, носителите на авторските права нема потреба да се информираат или да им се бара дозвола за измени ако поминале 70 години од смрта на авторот.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background