(видео) Договорите со Бугарија и Грција се вовед во национална катастрофа – Поп Атанасов во „Стадион“

Во ексклузивното интервју во емисијата „Стадион“ на Канал 77,  професорот Ѓорги Поп-Атанасов вели дека препораките од историската комисија за научната заедница се ништовни. Поп-Атанасов, кој е специјалист за старословенски ракописи, смета дека  светите Кирил и Методиј заеднички треба да ги славиме со Чешка и Словачка, додека Свети Климент  бил протеран од бугарскиот двор.

Зборувајќи за односите со Бугарија професор Поп – Атанасов, кој е за себе вели дека е роден Македонец во Пиринска Македонија, близу Разлог, кажува дека Бугарите никогаш нема да не’ признаат како народ. Во Бугарија, зборот Македонец е забранет, вели Поп – Атанасов.

-Бугарија ја призна самостојноста на Македонија, затоа што сакаа да се изделиме од Југославија. Какво признавање е тоа кога не ти признаваат народ?! Тоа е лицемерие. Бугарија никогаш нема да признае  македонски народ, македонски јазик, нас како народ со посебна историја, традиција, јазик.  Тоа за Бугарија е невозможно, тоа е невозможна мисија, вели професорот Поп – Атанасов во „Стадион“.

Низ податоците од бугарските пописи Ѓорѓи Поп – Атанасов го објаснува систематското негирање на македонскиот народ во Бугарија.

-На пописот во 1926 година, од 300.000 македонско население, 256.000 се изјасниле како Македонци. Би рекол 100% изјаснување на македонско население. Во 1956 година на пописот има 180.000 Македонци, а веќе во 1966 година веќе нема попишани Македонци, објаснува Поп – Атанaсов.

Тој самиот го искусил притисокот од бугарската држава и оневозможувањето да се изјасни како Македонец, а бил принуден речиси преку ноќ во 1976 година илегално да ја премине границата и со сопругата и тригодишното дете да дојде во Скопје, каде побарал политички азил. По многу години успеал да ја премине македонско – бугарската граница, овој пат како македонски државјанин, затекнувајќи го својот татко на смртна постела.

Во „Стадион“ со Поп – Атанасов зборуваме за Охридската патријаршија и нејзиното значење за Бугарија, за историските личности, толку споменуваните во последно време како Ванчо Михајлов, за склучените договори со соседите.

– Не знам кој и зошто ги прави тие договори, но тие договори се вовед во национална катастрофа, вели професорот Ѓорѓи Поп – Атанасов.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background