(видео) Зечевиќ: Со Латас сме лични пријатели, но идеолошки и политички не се согласуваме
Не е точно дека сум го премолчал опозициониот период на СДСМ и дека не сум го критикувал ВМРО ДПМНЕ, бев вклучен активно во партијата на терен оперативно и така сум се определил да ја водам мојата кариера меѓу членството и тие работи не се прават на телевизија туку по секое место, улица, кај секој човек, рече во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77, поранешниот директор на Управата за контраразузнавање и организационен секретар на СДСМ Миле Зечевиќ.
За шпекулациите дека бил сменет од партиската функција затоа што во долгите разговори од „бомбите“ ептен дошла до израз неговата блискот со новинарот Драган Павловиќ Латас, но и со Сашо Мијалков, Зечевиќ вели:
– Со Латас сум личен пријател и децата ни се дружат, Се дружам и со еден куп други луѓе од различна провениенции. Еве и една анегдота. Некаде пред парламентарните избори 2006 година со сопругите седевме во ресторан и веројатно поради општата политизација во државата сопственикот дојде да ме праша да не има некој проблем, да не дојде до конфликт меѓу мене и него во дискусиите…Личните односи се една работа. Јас имам јасни ставови и цели и можеме да зборуваме колку сакаме на лична основа, но тоа не значи дека и ќе се разбереме околу идеологијата, политичката припадност и ориентација – рече Зечевиќ.
Зечевиќ се видел со Зоран Заев после две години и го замолил да остане затоа што лани победил на парламентарни избори и има обврска да го задржи и стабилизира парламентарното мнозинство и да ја задржи таа влада и коалиција во полн мандат до 2024, а во меѓувреме СДСМ да се обедини и реформира.
– Тој дојде на власт после долги години во опозиција и ја ослободи заробената држава и ги отвори сите клучни процеси и правци кон НАТО и Европската унија. Човек кога има преголема желба да заврши нешто добро знае да направи и грешка, но тоа не значи дека Заев е помал Македонец од било кој друг – вели Зечевиќ.