(видео) Мицкоски „има пари за пет животи“ – Андонов сведочи за разговорот со партискиот лидер
Богатството на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше тема на коментари во јавноста, откако Оливер Андонов изнесе детали од својот последниот разговор со партискиот лидер. Андонов, кој ја предводи иницијативата за демократизација и ревитализирање на ВМРО ДПМНЕ појасни во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
– Мицкоски сакаше да каже „јас сум доволно богат, не ми требаат пари, носам ваква марка на облека, ваква марка на часовници, толку пари имам… Немам јас проблем со тоа“. Од друга страна, како вели, „јас живеам со професорска плата“. Не знам, јас не сум финансиски раководител и сметководител на Мицкоски, така што, негов проблем е со што и како живее. Јас само пренесов дел од нашиот разговор, во кој мене ми беше сигнификантно сето тоа што го кажуваше, бидејќи кога влегуваш во политиката и разговараш на така високо ниво, не смееш да зборуваш за пари. Личните мои приходи се моја лична работа. Значи, нема зошто. Што е професорска плата? Мојата професорска плата на Воената академија е јавно достапна и толку, тоа е тоа, одговори Андонов.
Во „Стадион“ Андонов беше прашан да ги објасни наводните врски и контактите со таткото на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. На социјалните мрежи беа објавувани фотографии преку кои се тврдеше дека Андонов, заедно со неговиот колега, разузнавачот Зоран Ефремов се сретнале и разговарале со таткото на Арсовска, Ванчо Јовановски, пензиониран разузнавач. Преку објавите се алудираше дека иницијативата, која повикува на смена на Мицкоски од чело на партијата има врска со СДСМ и заострувањето на односите на Арсовска со ВМРО ДПМНЕ, партијата која ја поддржа и помогна во нејзиниот избор за градоначалник на Скопје.
-Во однос на поддршката на кандидатурата на Данела Арсовска од страна на ВМРО ДПМНЕ надвор од Статутот и сите партиски процедури. Ја промовираше и ги тераше партиските членови да гласаат за неа. Јас Данела не ја познавам, не сме седнале да разговараме, ја знам од телевизија. Татко и’ не го познавам, без разлика што работел. Тој некогаш може се нашол на исто место каде сме седеле. Не го познавам, изјави Оливер Андонов во „Стадион“.