Голем срам за државата и за јавниот сервис е што не бевме присутни на терен во Украина, вели воената репортерка Атовска (видео)
Воената новинарка Кристина Атовска која помина еден месец во военото подрачје на Украина, а воедно е и единствен новинар од Македонија кој отиде во Киев, вели дека ние сме една од ретките држави кои не биле присутни на терен. Ова го оценува како голем срам и за државата и за јавниот сервис, бидејќи како што вели оваа војна „не е нешто што се случува таму некаде, туку е на две држави од нас“.
За дел од финансиите за одење во Украина како што вели Атовска се погрижил уредникот на „Утрински брифинг“ Сашо Ордановски, а за дел самата таа. Единствено во пресрет им излегла компанијата Телеком за да можат да ги реализираат линковските јавувања.
– Војната не е евтина работа, треба да платите фиксери за да ве носат на безбедно, на снимање, вели Атовска.
На прашање за колкава сума станува збор, таа рече дека се работи за многу пари, две или три илјади евра се доволни само за една недела таму за најсиромашните медиуми , а сосем друго е за оние кои одат на фронтот и имаат повеќе екипи.