Древните Л’џи ќе станат чешма
Жителите на штипско Ново Село стравуваат дека концесионерот кој ја доби концесијата за користење на термо-минералната вода од локалитетите ,,Кежовица и Л,џи“ ќе стави катанец на на Л’џите. Тие сметаа дека и водата и самиот локалитет се дел од историјата и традицијата на оваа древно и историско место и како такво треба да се заштити и од општината и од Државата. Од ДПТ Оаза ДОО Штип, фирмата која што ја доби концесијата, велат дека тоа нема да се случи. Ќе направат чешма којашто жителите ќе можат слободно да ја користат.
Л’џите се дел од историјата и традицијата на Ново Село
Новоселци се уште не можат да се помират со фактот дека Л’џите повеќе не се народни и дека наскоро може тука да биде ставен катанец. Тоа нема да го дозволиме вели Киро Маџунаров, жител на Ново Село, кој веќе има формирано иницијативен одбор кој што ќе настојува Л’џите да добијат статус на културно-историско богатство.
–Тука се испеани многу песни, за Ново Село, особено за Л’џите. Многу љубовни игри и афери тука се случувале и се споменуваат.Оваа локација е дел од нашата историја и традиција, и сегa некој си зел за право, да ги даде под Концесија. Тоа е апсурд. Кога во ноември 2015 година, концесионерот се обиде да ја најде бушотината направена од 1975 година,тогаш дознавме дека Л’џите се дадени под концесија. Луѓето се фрапирани. Постарите новоселки коментираат – Иако имаме дома по три перални, ние доаѓаме тука на Л’џите да переме. Тие времиња, сепак се минато. Младата генерација знае да ја користи водата најрационално. Тоа е природна топла вода, изворска вода со температура од околу 70 степени – вели Маџунаров.
Дали добивањето на дозволата за експлоатација ќе значи катанец на историските Л’џи
Иако договорот за концесија е потпишан уште во февруари 2013 година, концесионерот- Друштвото за производство и трговија „Оаза“ ДОО Штип се’ уште нема дозвола за експлоатација.
Причина што се’ уште немаме добиено дозвола за експлоатација е во Министерството за екологија. Таму работата се развлече повеќе од една година иако од наша страна, документацијата беше доставена на време. Дозволата од Министерството за екологија ја добивме пред извесно време и сега уште останува да ја добиеме дозволата за експлоатација од Министерстсвото за економија. Требаше да ја добиеме уште во декември минатата година но поради политичката ситуација, очекуваме со формирањето на Влада и официјално да се потпише договорот за експлоатација – Вели Љупчо Манџуков, сопственик на концесионерот „Оаза“
Но дали со добивањето на дозволата за експлоатација ќе се стави катанец на историските Л’џи, водата којашто штипјани од секогаш ја користеле и како лековита и како света.
„Забрана нема да има“, тврди Манџуков.
–Водата е наша, но има добра волја да се разбереме. Жителите на штипско Ново Село секако ќе бидат повикани и ќе им се каже. Ќе нема никаков проблем да ставиме една чешма, за да можат луѓето слободно да си полнат. Не е ништо страшно ако се потрошат 5,10 кубика вода дневно -вели Манџуков.
Концесионерот барал ,ЈП Исар да плаќа за користењето на водата од бањата ,,Кежовица“
„Според договорот за концесија ,Концесионерот има обврска без никаков надоместок да обезбеди по 8 литри во секунда топла вода за бањата ,Кежовица од овие 8 литри, бањата треба да издвојува по 2 литри во секунда за Терапијата, а согласно даденото мислење од страна на општината Штип. Овие количини се доволни за функционирањето и на бањата и на терапијата3, вели Ангел Бојаџиев, директорот на Ј.П Исар во чии рамки работи бањата.
–Оваа количина вода е доволна за да може да функционира бањата Кежовица. Ние добиваме 8 л/с од кои 6 л/с задржуваме за нас, 2л/с дистрибуираме за физикалната терапија.
Она на што реагира Бојаџиев се бројните притисоци што во изминатиот период ги имало Јавното претпријатие за отстапување на бањата во рамки на Јавно-приватно партнерство од страна на концесионерот. Му биле испраќани инспекции, со образложение, зошто не се плаќа надоместок на концесионерот за користење на водата во бањата, иако тоа не е предвидено во договорот за концесија.
–Пред извесен период имаше обид од страна на приватни фирми да се наруши работењето на бањата со вршење на различни притисоци, се праќаа инспекции, се со цел за да се даде бањата во јавно-приватно партнерство. Се додека јас сум директор на Ј.П Исар, тоа нема да го дозволам. Бањата „Кежовица“ ќе си остане во рамките на Ј.П Исар. -потенцира Бојаџиев.
Концесионерот треба да плаќа концесија по две основи
За триесетгодишното користење на термоминералните води на Кежовица и Л,џите, Оаза ќе мора да плаќа годишна концесија која што според тарифникот за користење на термоминерални води изнесува 200.000 денари за километар. За парцелите кои што ќе ги користи Оаза а чија што површина е помала од еден километар, Оаза плаќа околу 180.000 денари годишно.
– Концесијата ja плаќаме редовно– вели Манџуков.
Другиот дел од концесијата, ќе почне да се плаќа откако ќе започне експлоатацијата, односно откако ќе се добие дозволата за концесија. Плаќањето на концесиските надоместоци за експлоатираната количина на термоминерална вода се врши на три месеци. Конкретно концесискиот надоместок ќе се пресметува според просечната рафинериска цена на мазутот од претходната календарска година, а во пресметака во предвид се зема и просечната температура на водата како и коефициентот на зафаќање.
Надоместоците се уплаќаат во буџетот на Република Македонија и се распределуваат 22% за републичкиот буџет, 78% во буџетот на општина Штип.
Се’ додека не започне експлоатацијата на топлата лековита вода, Новоселци велат дека не ја знаат намерата на Концесионерот, но ако сепак Л,џите добијат катанец, тие и ќе реагираат соодветно.
–По наше мислење Л’џите треба да бидат заштитени како што е заштитен ,,Исарот“ затоа што тоа е едно свето место. Луѓето го третираат како нешто посебно и со посебен интерес за граѓаните. Л’џите мора да останат тоа што се – категоричен е Маџунаров.
Колку ветувањето од сопственикот на Оаза, дека водата од Л’џите ќе може слободно да се користи ќе покаже времето, особено по неговите намери на локацијата кај градскиот базен, кој што го купи, да гради Комлекс со спа центар.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.