За вештачката интелигенција, но и за Отворен Балкан – „Стадион“ со млади луѓе од Харвард

Вкупно 54 млади луѓе од Харвард ја посетија Македонија и регионот на иницијатива на македонец и србин кои се запознале токму на овој универзитет. Во емисијата „Стадион“ на Канал 77 македонецот Тале Локвенец кој дипломирал на Харвард вели дека целта на посетата и самиот настан не е Отворен Балкан, иако многу се дискутирало за ова.

  • Историјата покажала дека студентите од Харвард и МИТ отсекогаш биле на едни од најбитните позиции и во позиција да донесуваат одлуки во светски размери и целта ни беше нашите земји да ги ставиме на мапата на овие луѓе за во иднина. Сакавме да покажеме дека регионот се грижи напред, да покажеме дека имаме млади луѓе кои имаат што да прикажат на светот, истакна Локвенец.

Тој вели дека генералниот тон што го добил е оти патот е трнлив, но факт е дека регионот многу брзо се движи напред. Како нешто кое сите го забележале кај нас тој го потенцира нашето гостопримство.

За иницијативата Отворен Балкан од оваа група на млади луѓе во емисијата зборуваа и Лин Биеске од Германија и Тушар Канаде од Индија. На прашање дали Отворен Балкан е утеха за нас или пак е забрзувач на нашиот пат кон ЕУ и двајцата се согласни дека се работи за добра иницијатива.

  • Ако ги погледнеме сојузите, различни сојузи на различни држави што соработуваат во целиот свет, мислам дека е мошне значајно да постојат такви платформи што даваат простор за учење едни од други, да се усогласат интересите, да се создадат заеднички визии и да се работи во иста насока. Од друга страна, ако имате таков формат на различни држави што соработуваат меѓу себе, тие сите ќе имаат различни интереси. Значи, ми се чини дека на таквиот формат треба да му се даде време да заживее, да се види како таквата соработка се одвива на подолг рок и, ако ја погледнете Европската унија и како тој ангажман функционира на тоа ниво – колку од тоа е колективно, колку е билатерален разговор… Сме виделе низ историјата дека таквите формати нудат многу можности, вели Биеске.

Канаде кој доаѓа од Индија, пак, вели дека Отворен Балкан нуди добра симулација на тоа што може да биде Европската Унија, но во помал блок земји. Според него ова е добра вежба да се разбете како функционираат политиките, трговијата, но и најзначајно како функционираат културите и како генерации луѓе може да се прилагодат на регион поширок од националните граници.

  • Факт е дека Отворен Балкан ви дава можност за разбирање, од културолошка страна, што значи поголемата интеграција. Без разлика дали се работи за економска или друг вид на интеграција. Од гледна точка што прави, да. Значи, се работи за добра вежба за креаторите на политики и за јавните администратори не само да разберат, туку и да набљудуваат како цели популации или цели генерации на луѓе – дури и ако ова трае пет или десет години, или подолго – добра вежба е за оние што ја имаат власта да разберат дали луѓето ја прифаќаат идејата за донекаде безгранични, помали регионални блокови за слободно движење, слободно патување итн. слични на ЕУ. Исто така, тоа е добра пракса и симулација за кога еднаш ќе станете дел од ЕУ, затоа што таа и самата има толку многу регулација и толку многу правила, постои цел систем на правила, вели Канаде.

Со гостите во „Стадион“ се зборуваше многу и за вештачката интелигенција и сите се согласни дека вештачката интелигенција е исклучително корисна, но не може да произведе ниво на креативност за која се способни луѓето. Целата дискусија за вештачката интелигенција слушнете ја во продолжение.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background