(Видео) За Македонија не се зборува многу на изборната кампања во Бугарија, вели бугарскиот писател Алек Попов
Интересно е што не се зборува многу за Македонија и тоа е добро. Ова всушност покажува дека проблемот и не е толку постоечки и голем и не го бранува бугарското општество колку што некои политичари сакаат да го претстават и затоа мислам дека голем дел од овие проблеми се вештачки создадени, истакна бугарскиот писател Алек Попов во емисијата „Стадион“ на Канал 77, одговарајќи на прашањето дали Македонија е се уште актуелна тема во ек на изборната кампања во Бугарија.
– Не, не е Македонија тема. Луѓето многу повеќе ги вознемирува инфлацијата, несигурноста од блиската бојна , од нештата кои се непосредна закана за нивниот живот, од несогласувањето меѓу политичарите кое е многу големо, но за жал и меѓу народот и граѓаните, вели Попов додавајќи дека ова сепак не е само бугарски феномен, туку општествен, а како една од причините ги наведува социјалните мрежи за кои вели дека се хранат од антагонизмот на граѓаните и се трудат да го акцелерираат и рашират.
Зборувајќи за јазичните спорови, Попов вели дека јазиците од словенската група на јазици иако се слични, секој од нив има своја посебност. Тој вели дека треба да се гледа реалноста која значи дека со востановување на државноста, секоја држава си обезбедува свој јазик и тоа се случува насекаде во светот.