Земјоделци се жалат на неквалитетни ѓубрива, инспекциите тврдат – се’ е во ред!

Какви репроматeријали користат македонските земјоделци? На терен фармерите реагираат дека вештачктие ѓубрива и биохемиските препарати не даваат ефекти за заштита на растенијата и за поголеми приноси од земјоделските посеви. Аптекарите, пак, тврдат дека се што се продава се контролира во акредитирани лаборатории. Проблемот што нема ефекти го лоцираат во несоодветната примена. Земјоделскиот инспекторат нема изречено казни бидејќи, според нив, во последниве две години сите ѓубрива и препарати не отстапуваат од пропишаните норми, својства и активни елементи. Кој ги штити земјоделците кои ја плаќаат најголемата сметка

,,Фрлам ѓубре по нивите, но приноси нема, прскам за биохемиска заштита на растенијата- ефекти нема“.

Вака се жали и ја раскажува својата мака Никола Стојанов од струмичко Моноспитово кој цели 50 години се занимава со земјоделство. Со своето семејство одлгедува исклучиво домати на површина од речиси еден хектар под пластеници. Тврди дека за едно биохемиско третирање на доматите фрла по 4.000 денари, но, за жал, немало ефекти да се сузбијат инсектицидите.

,, Квалитетни беа кога бевме Југославија, сега тешко- нема квалитет. Според мене, не се квалитетни ни препаратите ни вештачките ѓубрива. Препарати земаш да прскаш – не уништува, а скапо е. За едно прскање на доматите ме чини 4.000 денари. Од тие четири илјади денари нема никаков ефект,“ вели Стојанов.

Со ѓубривата место да напредуваат, растенијата се сушат, обвинуваат земјоделците

Маката на Никола Стојанов од Моноспитово ја споделуваат и останатите земјоделци од струмичкиот регион. Сметаат дека она што се продава по земјоделските аптеки не соодветствува со наведените активни елементи и материи во декларициите на репроматеријалите, бидејќи не се постигнвуаат саканите ефекти во прихранувањето и заштитата на растенијата.

,, Квалитетот не е ист како што беше порано и со КАН и со комбинираното ѓубре. Не е тоа што треба да бидат,“ вели земјоделец од Муртино.

Негов колега, пак, од Робово додава: „Сега ставаме ѓубре, но место да напредуваат, растенијата се сушат“.

,,Немаме доволно информации какви се по квалитет. Мислам оти не сме информирани. Не можеш и да прочиташ оти во земјоделските аптеки нема проспекти за да се информираш,“ вели земјоделец од Босилово

Не е до ѓубривата туку до нивната примена, тврдат од земјоделските аптеки

Аптекарите негираат дека се продаваат неквалитетни земјоделски репроматеријали, бидејќи асортиманот на вештачки губрива, но и заштитни средства подлежат на строга контрола од надлежните институции. Игор Ивановски, кој работи во земјоделска аптека, вели дека сите препарати се испитани во сертифицирани лабаратории за таа намена.

,,Квалитетот на ѓубривата се испитува во текот на годината од страна на Државниот инспекторат за земјоделство. Инспекторите земаат мостри од различни ѓубрива низ територијата на Македонија и овде, во Струмица и во Прилеп… Мострите ги носат во лаборатории кои што имат дозвола за испитување. Тие се три-четири лаборатории контролирани од државата каде се испитува ѓубривото односно неговито состав,“ вели Ивановски

Ивановски, кој е магистер за агрозаштита, смета дека проблемот лежи во примената на вештачките ѓубрива и заштитни средства бидејки и понатаму земјоделците работат на своја рака. Според Ивановски, земјоделците многу малку вршат агрохемиско испитување на почвата што е клучен сегмент за ѓубрење

,,Проблемот е во примената. Зошто? Прво и основно, ќе го земеме регионот на Муртино и Моноспитово каде што почвата има многу висока PH вредност. Еве сега доаѓа почетокот на сеидбата на краставиците и обично тука се става КАН ѓубре што е калциум амониум нитрат. Во овој регион има висока PH вредност над 8 и со додавањето на калциум уште повеќе се зголемува PH вредноста. и што се случува? Доаѓа до засолување на почвата каде што растенијата се шпиртосуваат, односно не се развиваат, а потоа велиме – ѓубривото не е квалитетно,“ објаснува м-р Ивановски

Поголеми контроли на земјоделските репроматријали бараат земјоделските здруженија

Земјоделските здруженија сметаат дека надлежните инспекции треба да ги засилат контролите при увоз и по земјоделските аптеки за да се провери квалитетот на репроматријалите што се нудат.. Дека има реакции од земјдоелците говори и Ристо Велков од Сојузот на земјоделски синдикати од Струмица. Вели дека во декларациите на ѓубривата и препаратите едно пишува, а во практика ги нема активните елементи.

,,И од Инспекторатот за земјоделство мислам оти признаваат дека во немал број случаи не соодветствува процентот на активните материи, дали станува збор за процент во ѓубривата со застапеност на елементи или процент на застапеност на активни материи, фунгициди, пестициди. И тие сами признаваат и мислам дека има пропусти во тој сегмент. Во иднина треба неминовно да се води грижа при самиот увоз на тие репроматријали да се утврди дали соодејствуваат со процентот на активни материи и во ѓубривата и во препаратите,“ потенцира Ристо Велков од Сојузот на земјоделски синидкати од Струмица.

Контрола на квалитетот на земјоделските репроматеријали врши Државниот земјоделски инспекторат. Од таму велат дека контролата се врши врз основа на мониторинг програмата од МЗШВ при што се контролира производството, складирањето, дистрибуцијата,сообразноста на произвоите . Тоа го прави на 11 гранични премини, осум места за аутовар, но и кај регистрирани правни субјекти што вршат производство, увоз и промет на големо и мало.

,,Од предвидениот број на примероци земени на гранични премини, при промет на големо и мало и при употреба, согласно Програмата за спроведување на мониторинг во 2017 и во тековната 2018 година, а врз основа на добиените акредитирани лабораториски извештаи за испитување на содржината на активните супстанци во производи за заштита на растенијата, констатирано е дека сите доставени примероци се со дозволено отстапување“, стои во информацијата на Државниот инспекторат.

Контролите покажале дека нема отстапки во квалитетот и затоа нема прекршочни и кривични пријави

Анализирајки го извештајот на Државниот иснпекторат за земјоделство, може да се констатира дека лани и оваа година врза основа на Законот за квалитет и безбедност на ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, направени се 3.704 контроли при што се изговени 68 решенија. Не се изречени ниту прекршочни ниту кривични пријави кај правните субјекти.

Од Инспекторатат апелираат до земјоделците да купуваат репроматријали од регистрирани правни субјекти и специјализирани продавници односно земјоделски аптеки во оригинални пакувања, соодветно означени , спакувани и декалрирани на македонски јазик со упатство за употреба. Секој сомнителен земјоделски репроматеријал треба да се пријави кај надлежните.

В. Трајков

Текстот е дел од проектот „Македонија не е само Скопје“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background