Инвестирањето во туризам ги врати во земјата
Додека едни заминуваат од Македонија други се враќаат назад и инвестираат овде. Таков е случајот со семејствата Ајази од Струга и Сотироски од Охрид, кои по децении живот во Швајцарија односно Австралија инвестираат во сопствени хотелски капацитети покрај Охридското Езеро. Велат дека се одлучиле на ваков чекор бидејки сакале она сто што како капитал го стекнале во државите во кои живееле да го вложат во татковината. Но се соочуваат со многу предизвици и проблеми.
Сотир и Руфи се македонските граѓани кои пред речиси една деценија инвестирале во изградба на хотелски капацитети во Охрид односно Струга. Сотир во Охрид се враќа од Австралија со целото своето семејство, сопругата, двете ќерки и синот со верба дека со она што ќе го направат овде ќе придонесат за развојот на туризмот во градот.
По повеќе децении живот во Швајцарија и Австралија се враќаат во родниот крај
„Првпат кога заминав во Австралија заминав во 1969 година, како дете на 18 години. Пред 15 години се вративме со целата фамилија. Се договоривме сите да си дојдеме заедно и да бидеме во својата земја. Мојата голема желба беше да се вратам онаму каде што го поминав младешки живот и тоа и го направив“, вели Сотир.
Руфи Ајази од Швајцарија во Струга се враќа во 2001 година, кога почнува со изградба на хотелски капацитет. И тој доаѓа со истата намера.
„Донесов еден голем капитал од Швајцарија. Инвестирав овде во Струга, а во 2003 година го завршив овој објекти кој што го имам сега. Јас мислев дека секоја година ќе биде подобро. Овде до 2010 година работевме многу добро, но потоа работите многу се променија“, вели Ајази.
Одлуката за враќање назад не била воопшто едноставна
Сотир кажува дека одлуката да се вратат назад во Охрид не била толку едноставна.
„И покрај тоа што беше многу тешка одлука во договор со моите деца кога тие завршија факултети беше договорено да го направиме тоа. Имав големи тешкотии да се пробијам тука, проблеми со добивањето на дозволите за градење, за разлика од Австралија каде во рок од 15 дена кога ќе подадеш барања за градба ти даваат веднаш“, вели Сотироски.
Сотир и Руфи се соочиле со многу сопки кога се вратиле да инвестираат во Македонија
Сотир вели дека решиле да инвестираат овде, бидејки сметале дека Охрид има светла иднина кога е во прашање туризмот. Но се соочиле со многу сопки, како што вели, при добивањето на дозволите за градба. Тоа, вели, го нема во Австралија, но ништо не го обесхрабрило.
„Си го сакав Охрид како секој Македонец кој работи во странство. Јас и таму работев градејќи хотели, куќи, а имав и свои ресторани. Одлуката беше на сите нас посебно на мене и сопругата. Охрид е специфичен град. Имаше многу сопки кои беа ставани на нас, но ние како угостители сме коректни со сите. Како угостители работиме најмногу со странски гости. Ние не трошиме пари на реклами бидејки немаме за тоа, но самата услуга која ја нудиме е реклама“, вели Сотироски.
Разочараност поради актуелните политички случувања во Македонија
Руфи Ајази пак, вели дека е разочаран од актуелната ситуација во Македонија, длабоката политичка криза во државата и неможноста како што вели бизнис секторот да работи во нормални услови. Неколку години од отварањето на хотелот неговиот син кој исто така од Швајцарија дошол во Струга за да го развиваат заедно фамилијарниот бизнис се одлучува повторно да се врати назад во Швајцарија.
„Мислев дека Македонија ќе оди напред и јас целиот капитал што го заработив во Швајцарија го донесов овде. Да инвестирав таму денес ќе бев не со еден ресторан ќе имав уште пет до шест. Во 2004 година дојдоа и моите деца за да го работиме заедно хотелот. Потоа гледаа дека работата не се движи како што треба и повторно се вратија назад“, вели Руфи.
И Руфи и Сотир потсвесно размислуваат да се вратат назад ако работите во Македонија не се променат
Руфи за сега не гледа надеж дека работите ќе се променат кон подобро иако вели дека не се откажуваат. Слично мислење има и Сотир. И тој истакнува дека потсвесно размислува за враќање назад поради целата ситуација во Македонија.
„Не се надевам многу. Надежта е нула. Размислувате и да се вратите назад во Швајцарија? Да, тоа го чекам, а го имам на продажба хотелот веќе една година. Бидејки овде немам перспектива. Што треба да се промени за да се задржат бизнимените овде? Треба друга политика. Треба најмалку дваесет години за да бизнисмените се убедат дека може да се вратат. Овде се е уништено од 2010 година па навака“, вели Ајази.
„Многу пати сум размисливал, а и ден денес потсвесно размислувам за назад со самата ситуација кај нас. Ова се случува секогаш пред сезона како што тоа беше случај и лани. Минатата година имавме големи загуби. Изгубивме доста аранжмани, луѓето се исплашија. Никогаш не е тешко да се вратиме. Ако вака продолжи не само ние и многу луѓе ќе си заминат“, вели Сотироски.
Локалните власти во Охрид нудат информации за потенцијалните инвеститори
Од секторот за туризам и локален економски развој во општина Охрид информираат дека досега немале информации за иселеници кои инвестирале во Охрид. Во однос на она што општината им го нуди на потенцијалните инвеститори па и на иселениците велат:
„Како за сите странски инвеститори така и за иселениците во странство општина Охрид има досега изработено две изданија на брошурата Инвестирајте во Охрид како и изработена Веб Гис платформа за локации поволни за странски инвестиции каде можат да се видат сите локации и податоците за нив. Истата е достапна на страницата на бирото за регионален развој на југозападен плански регион“.
Од таму велат дека Општина Охрид досега имала извршено презентација на над 60 инвеститори меѓу кои и иселеници од странство.
Мислењата искажани во оваа содржина, не нужно го рефлектираат ставот на Канал 77 или неговиот донатор.