Македонскиот и бугарскиот јазик имаат низа разлики буквално во секој сегмент, вели професорката Јанчева Улчар (видео)

Македонскиот и бугарскиот јазик иако се слични имаат низа разлики буквално во секој сегмент, на фонетско и дијалектичко рамниште и на синтаксичко, рече професорката Елка Јанчева Улчар во гостување во „Стадион“ на Канал 77.

– Двата јазици се слични, за разлика од останатите словенски, по тоа што се аналитички односно синатаксичките односи внатре во реченицата не се изразуваат со падежи туку со предлози. Пример, Србите ќе речат „послао сам писмо Банету“, а ние ќе речеме „му испратив писмо на Бане“.
Двата јазици имаат словенска лексика, словенско потекло, но имаат т.н балканска граматика, затоа што влегуваат во балканскиот сојуз во кој влегуваат и други јазици кои не се од словенската група на јазици, вели Јанчева Улчар.

Во овој балкански сојуз, каде влегуваат албанскиот, грчкиот, ароманскиот, српските јужни говори и македонскиот и бугарскиот, вели дека  дошло до заедничко граматичко испреплетување.

–  За да биде појасно, изразувањето на посвојноста ни е заедничко со грчкиот јазик, губењето на инфинитивот – се изразува со да и сегашно време. Македонскиот инаку се смета за еден од најбалканските во оваа група, со оглед на централното место и сите овие балкански црти се јавуваат во тромеѓето на Албанија, Грција и Македонија, на потегот Охрид, Корча и Костур, па оттука се шират по целиот полуостров. Ние во нашиот јазик имаме перфект кое е минато дејство, но не е точно лоцирано во минатото време, за разлика од нас бугарите го немаат. Друго интересно е категоријата прекажаност, тоа е една категорија која ја има и во бугарскиот а сметам дека е настаната под влијание на турскиот јазик. Со оваа форма изразуваме дејства што се случиле во наше отсуство или без наша свесност, помошен глагол плус глаголската л форма во другите словенски јазици значи минато време, вели професорката.

Нејзиното објаснување погледнете го во видеото во прилог


Во етер
Наслов
Изведувач

Background