Општински центар три години без матичен лекар

Повеќе од три години жителите на пет села од Општината Чешиново – Облешево се без матичен лекар. Жителите преку петиција побараа Општината да го реши проблемот, бидејќи секое одење на лекар во Кочани за нив е трошок. Младите лекари до сега не покажаа интерес за работа на село, од каде не можат да градат кариера. Во 21-от век, доаѓањето до здравствена заштита овие близу 5000 жители е пат поплочен со трње.

На десетина километри пред  Кочани е Општината Чешиново – Облешево, која македонската јавност ја запозна по вистинската битка која се водеше меѓу двете големи села каде да биде општинскиото седиште. По деновите на жестоки протести, беше најден компромис во тоа што општината го доби името на две села. Деновиве, битката со далеку потивок тон се води за жителите да добијат здравствена помош. Преку петиција од подалечните села, жителите бараат конечно да добијат матичен лекар, каде ќе се лекуваат. Стари и изнемоштени лица водат секојдневна битка со банални пробелми, како што е обезбедување превоз до Кочани за да добијат редовна терапија или да бидат прегледани од лекар. Највозрасната категорија – пензионерите се најзасегнати, вели претседателот на огранокот на пензионери, Благој Манев.

„Ние дури и во градот имаме амбуланти кои се ослободени со одење во пензија на матичниот лекар, или ако отвори ординација во свој, сопствен  простор, поради што остануваат голем број на амбуланти непополнети.“ Д-р Иван Спанчевски, директор на ЈЗУ Здравствен дом – Кочани

  • Од Облешево до Кочани е 9-10 километри, а од Облешево до соседното село Теранци или Кучичино, натаму има уште 4-5 километри ,значи некаде 13-14 километри треба да патуваат. Па нема секогаш превоз и само тие си знаат како се снаоѓаат. Бараат такси и плаќаат во еден правец 150-200 денари. Значи, 300-400 денари треба да дадат само за превоз. Стари луѓе се тоа со по 70-80 години и кусур. Да чекаат превоз да извршат преглед или да му се пружи медицинска помош, тоа во денешно време ми е несватливо, изјави Манев.

Пат до лекар долг 13 километри

Само во Облешево има над 300 пензионери, меѓутоа, како што велат жителите, не е проблем само за постарите, туку немањето лекар е проблем за сите. Апсурдот да биде поголем, во Облешево во време кога работел матичен лекар, немало аптека, па по прегледот морале да заминуваат во Качани за лекови од рецепт. Сега аптека има, но, лекар нема. Како што вели еден од жителите што го најдовме средсело во Облешево, несфатливо е како сега треба да се решава проблем, кој пред 20 години бил редовна привилегија за сите.

  • Луѓето мака мачат. Да отидеш до Кочани и да се вратиш треба најмалку 200 денари. Најтешко е на пензионерите, ама и за сите. Здравството е во лоша состојба, да се разбереме. Облешево како општина и како општински центар, лекар треба да има.
  • Се лекуваме по Кочани, ама и каде најдеме, таму. Ако дадат упат за Штип, трчи таму, многу е лошо. За цело село е проблем, не само за нас постарите. За сите е проблем, а за старите луѓе, најмногу.
  • Има пензионери со стапови (бастуни) дојдат до Теранци (соседно село н.з.) и бараат како да отидат до Кочани на лекар. Многу пати ќе дојдат, па со коли го носат до таму. Тоа се немоќни, стари лица. Најпотребен ни е лекар, раскажуваат жителите на Облешево.

„300-400 денари треба да дадат само за превоз. Стари луѓе се тоа со по 70-80 години и кусур. Да чекаат превоз да извршат преглед или да му се пружи медицинска помош, тоа во денешно време ми е несватливо.“ Благој Манев, претседател на огранокот на пензионери

Три години знае празна селската амбуланта
Пред три години работел лекар, кој откако добил специјализација си заминал во болницата во Кочани. Од тогаш пропаднале три обиди преку распишување на концесија да се пополни празната селска амбуланта. Младите лекари не пројавиле интерес да работат на село. Проблемот со матичниот лекар, се чини е посложен од незаинтераноста на лекарите. Како што вели директорот на Здравствениот дом од Кочани, Иван Спанчевски, во чија надлежност се селските амбуланти, има и нерешени имотно – правни прашања што го отежнува распишувањето на концесијата.

  • Постапката за издавање на амбулантата под концесија малку се комплицира, поради тоа што има одредено имотно – правни пречки, односно во имотно – правните односи помеѓу ЈЗУ Здравствен дом – Кочани и Општината Чешино – Облешево. Меѓутоа, по последната седница и наша ургенција, мислам дека овие проблеми ќе бидат надминати, вели Спанчевски.

Од селските амбуланти под надлежност на Здравствениот дом од Кочани, единствено непополнета останала таа во Облешево. Иако, како што вели доктор Спанчевски, со текот на годините и иселувањето, празни остануваат и ординациите во градот.

  • Во последните години бројот на населението драстично се намалува и повеќе амбуланти што се на периферијата, конкретно од Општината Чешиново – Облешево, се повлекуваат кон градот. Ние дури и во градот имаме амбуланти кои се ослободени со одење во пензија на матичниот лекар, или ако отвори ординација во свој, сопствен простор, поради што остануваат голем број на амбуланти непополнети, објасни директорот на Здравствениот дом, Иван Спанчевски.

Младите лекари не сакат  работа на село

Министерството за здравство во март минатата година, најави стимулации за секој доктор кој ќе отвори ординации во руралните подрачја.

„Новата ординација ќе добива зголемен износ на капитација согласно критериумите за рурални подрачја определени од ФЗО на Македонија, најмногу 90.000 и најмалку 60.000 денари за месец, а од 1 јули оваа година најмногу 99.000 денари односно најмалку 66.000 денари за месец, зависно од вкупниот број осигурени лица кои ќе ги згрижи лекарот“, објасни тогаш министерот Никола Тодоров.

И една година по овој повик, амбулантата во Облешево чека да биде пополнета. Општината Чешиново – Облешево добила најава дека млада докторка е заинтересирана да почне да работи во амбилантата, но кога, не зависи од добрата воља ниту на општината, ниту на жителите на кои им е неопходната здравствената помош.

Навидум современото Облешево , развиено и некогаш богато село, има ушто неколку основни потреби за решавање. Според жителите, освен амбуланта со лекар, им треба вода за пиење, која сега според нив, има жолта боја. Имаат водовод веќе 12 години, но не работи. Им треба и прочистителна станица и функционална канализација, од која смрди кога врне. И конечно, да се реши одводот и каналите, кои при последната поплава во 2015 година опустошија неколку десетици куќи во нискиот дел на селото. Тоа се реални, секојдневни граѓански потреби, кои како што велат во Облешево, треба да бидат на списокот на секој иден кандидат за градоначалник на претстојните избори.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 


Во етер
Наслов
Изведувач

Background