Политички игри го затвораат и отвораат „загадувачот“ Југохром
Тетовски Југохром не работи близу два месеци, а мерењата на квалитетот на воздухот и натаму покажуваат високите вредности на загадување. Како ништо да не промени гаснењето на фабричките печки, кои димеа без филтри. И додека институциите укажуваат дека загадувањето е од загревањето на домовите, сообраќајот и урбанизацијата без контрола, во позадина се одвива битка за Југохром. Од екологијата ќе профитираат поединци,единствено заинтересирани за сопственото богатство. Сторија на Снежана Новаковска
Конечни резултати за тоа кој го труе Тетово нема од ниту едно испитување
Сивилото од смогот над Тетово не се промени по приврменото затоврање на Југохром. Секојдневните извештаи за загадувањето укажуваат на десеткратно поголемо ниво на отровните ПМ 10 честички. Тетово се гуши, во исчекување на одамна ветените анализи за причинителите на загадувањето. За волја на вистината, не постои истражување кое недвосмислено покажува дека Југохром е најголем загадувач освен споредбените резултати на годините кога тој работел и кога не работел и тоа се занемарливи резултати кога, велат експертите количините на ПМ 10 честички се занемарливо пониски како резултат на ветрови и поволни метеоролошки услови.
Испитување на загаденоста на воздухот во Тетово во моментов се врши на ЈИЕ чиј Институт за животна средина постави пет апарати за мерење на квалитетот на воздухот како резултат на договорот потпишан со Министерството за животна средина во март годинава кога министеруваше Нурхан Изаири.
Сепак тоа испитување е во тек и не може да се посочат некои конкретни резултати во моментов , вели Дарко Спировски од Институтот за животна средина при Штуловиот универзитет од Тетово. Со мерењата на тие станици се прават споредби со оние на Министерството за животна средина и се утврдуваат сите потребни параметри за да на крај излеземе со конкретни резултати, вели за Канал 77 Спировски.
И од Еко герила немаат некои конкретни испитувања за тоа кои се причинителите на загадувањето во Тетово и пошироко но дека тое се повикуваат на информациите од соодветното Министерство кое пак во средината на ноември излезе со резултатите од анализите на воздухот направени во Финска за секој критичен град во Македонија но за жал за Тетово министерствотo не се произнесе со никаков резултат од таму, под изговор дека Тетово нема метеоролошка станица и затоа не се можни вакви анализи за овој град.
Еко Герила сега е мирна и не протестира , раководството на Југохром вели дека интензивно се гради станицата , а тетовци и понатаму дишат загаден воздух со ништо помала концентрација на пм 10 честички, 720 вработени стравуваат дали од 01.01.2017 ќе бидат ставени на платниот список на Југохром или не.
Дали Југохром е најголемиот загадувач?
Се обидовме одговор на ова прашање да добиеме од луѓе компетнтни за проблематиката со загадениот воздух, но ниту еден од нив не ни даде конкретен одговор, туку ни ја образложија целата проблематика на загадувањето на воздухот во Тетово.
-Според науката, постојат два фактори на загадување тоа се загадувачите од природата и човекот како фактор загадувач, вели специјалистот по хигиена и чиста животна средина.Од природата како фактор на загадување ќе ги издвоиме пожарите , вулканските ерупции и ветровите. А од човекот како главни загадувачи ги издвојуваме индустријата , сообраќајот, домаќинствата, вели д-р Џавид Фејзулаи, и додава:
– Сообраќајот, затоа што при регистрација не се врши контрола на издувните гасови, домаќинствата поради неквалитетните горива кои ги користат, но како главен фактор на ширење на загадувањето мораме да го споменеме и неконтролираниот урбанизам кој оневозможува нормален проток и циркулација на воздухот во градот.Слабата хигиена на градот, несоодветното депонирање на отпад во Тетово сите тие фактори во целина придонсуваат вискои концентрации на ПМ 10 честички во воздухот, изјави д-р Фејзулаи.
И покрај тоа што Општина Тетово донесе мерки за заштита од загадување сепак тие мерки на терен дури и да не се спроведуваат. Миење на улиците нема, времето за истовар на стока кое до пред два месеци беше до 8 часот изутрина сега со одлука на Совет на општина Тетово е пролонгирано до 12 часот, и покрај големиот број на одлуки донесени за уривање на дивоградбите такво нешто на терен нема, депонијата односно претоварната станица и понатаму се полни со смет и на сето ова се додаде фактот дека официјална бројка на откупени кубни метри дрва за огрев за еден месец изнесува околу 150 000 м3 кои произведуваат околу 100.000 килограми прав тогаш навистина се отвара прашањето кој всушност го загадува Тетово?
Другите познавачи на состојбите пак велат дека во 1957 год.инжењерите точно знаеле зошто е избрана таа локација за изградба на ваков металуршки комбинат.Честиците кои излегуваат од оџаците на Југохром поради тежината подлежат на гравитациона сила и паѓаат на триста метри од место од каде произлегуваат, дури и да има струења во воздухот нивниот досег не дофаќа до Тетово.
Југохром жртва на политички пазарења
Нашите извори кои сакаа да останат анонимни велат дека Југохром е цел на политички или други пазарења.Со тоа се согласува и менаџерот на Југохром Скендеровски кој меѓудругото за Канал77 изјави дека делувањето на Еко Герила всушност нему повеќе му личи на политичко отколку на граѓанско.
-За жал Еко Герила останаа глуви на нашите барања и не се одѕваа на нашите покани што е симптоматично за едно еколошко здружение кое е толку загрижено за еколошки здрава средина и што толку го уперува прстот кон Југохром и мислам дека секоја еколошка организација која се грижи за здрава животна средина ќе стапи во контакт со најголемиот загадувач и во таа прилика влијанието на Еко Герила повеќе делува политичко отколку како владино или граѓанско.Господинот Џафери неколку пати без цврсти аргументи не окарактеризира како најголеми загадувачи, а фактите покажуваат нешто сосема друго, вели Скендеровски.
Еколог го купува Југохром?
Со оглед на тоа дека последниве две години се шират шпекулации дека компанијата Еколог од Тетово сака да го купи Југохром се јавивме во оваа фирма и побаравме да не поврзат со луѓето одговори за односи со јавност но одтаму ни рекоа дека нивниот идентитет и телефонски број неможат да ни го дадат и покрај тоа што се претставивме и кажавме за која цел сакаме да исконтактираме со нив.Испративме и прашање на меил адреса но и после 10 дена одговор на прашањето не добивме.
На овие озборувања низ Тетово Скендеровски вели:
-Во шпекулативни рамки би ги ставил и информациите дека фирмата Еколог од Тетово сака да го купи Југохром јас навистина не ги знам нивните деловни намери. Она што го знам и што транспарентно можам да го кажам е дека Југохром после излегување од стечај има план за реорганизација кој треба да го исполни во еден 5 годишен период поставен од стечајниот управител и на некој начин такво беше нашето излегување од стечај условно во кое што моравме да исполниме многу критериуми и рамки кои што се потребни за да може да се смени сопственичката структура на Југохром и сите овие шпекулации не одат во прилог на тоа дека Југохром може да работи стабилно.Сметам дека Југохром треба да остане на страна од тие озборувања и да продолжи да работи на полето на системот за отпрашување и на повторно вклучување на печките, смета Скендеровски.
Дека Југохром не е единствен загадувач на воздухот во Тетово е повеќе од јасно останува политичарите да ја решат судбината на овој индустриски гигант од кој парче леб вадат 720 семејства.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.