Предизборно во денешниот „Стадион“: Јанушев – „Ќе имаме двоцифрена предност во пратеници“, Николовски – „СДСМ ќе добие чист мандат“

Кампања на +35 степени, во услови на коронавирус – мини-собири по плоштди, сали, пазари, на традиционалните медиуми и социјалните мрежи, кампања зачинета со „бомби“, „петарди“… Во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“ гостуваа Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ, двајцата носители на листи во Изборната единица Три на коалицијата „За обнова на Македонија“, односно на „Можеме“. Разговорите, во рамките на бесплатното политичко претставување, со двајцата ги водеше Весна Коловска, а во следниот „Стадион“ треба да гостуваат претставници на други партии и коалиции.

Игор Јанушев истакна дека во фокусот на нивната програма, особено во ИЕ-3, се подобрувањето на стандардот на граѓаните преку зголемување на платите и пензиите, вложувања во земјоделството и редовно исплаќање на субвенциите на земјоделците и инвестиции во здравствениот систем, со цел лекарите и другиот медицински персонал повеќе својата иднина да не ја гледаат во странство. За СДСМ рече дека во изминатите 3,5 години на власт не заковале ни шајка, немале реализирано ниту еден проект што самите го проектирале, почнале и го завршиле.

– Јас бев првиот во ВМРО-ДПМНЕ кој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има двоцифрена предност во однос на пратенички мандати во Собранието по завршувањето на изборите. ВМРО-ДПМНЕ е антипод на СДСМ, антипод на се’ она што го правеше СДСМ во изминатите 3,5 години. На крајот на денот – изборот се сведува меѓу криминал, корупција и свиткана „кичма“, од една, и работа, чесност и враќање на националното достоинство и на државните интереси, од друга страна. Избирачите на едната страна го имаат СДСМ и Заев, а на другата Македонија, па нема да биде тешко која одлука да се донесе – рече Јанушев.

Љупчо Николовски нагласи дека меѓу најважни сегменти во нивната програма се натамошно зголемување на минималната плата од сегашните 14.500 на 20.000 денари, натамошните инвестиции во земјоделството, максимално користење на европските фондови… Смета дека ибирачите ќе се одлучат за нивниот концепт, за чекорење по евроатлантскиот пат зашто другиот концепт ја враќал државата назад во времето на Никола Груевски, го враќал назад и Никола Груевски, како и обновата на „режимот“.

– Зошто за СДСМ – за да продолжи концептот на враќање на парите назад кон граѓаните, за да се зголеми минималната плата на 20.000 денари, а просечната на 34.000, за да имаме 200 милиони евра буџет за земјоделството и руралниот развој, за да имаме демократија во секоја политичка партија, за младите да почнат да се враќаат и да не размислуваат на иселување, за да ги извезуваме македонските брендирани производи, за да имаме еко и иновативна држава, за да имаме ред, правда и дисциплина, за да имаме 80 отсто отворени поглавја со ЕУ – рече Николовски.

Во емисијата беше емитуван и разговор на Весна Крстева со Бојан Кордалов, специјалист за дигитални медиуми, кој нагласи дека основа на сите предизборни кампањи треба да бидат програмите и кандидатите.

– Програмите не треба да се прават во последен момент. Потребен е многу посистематичен пристап и враќање на довербата во партиите, а со тоа подоцна и во институциите. Досега главно доминираше црната кампања. Истражувањата покажуваат дека голем дел од граѓаните на 20 дена пред избори веќе имаат одлучено и оти многу тешко се прават пресврти. Всушност, она што сте го работеле во изминатите години е решавачко, а со кампањата можете само да го запечатите – истакна Кордалов


Во етер
Наслов
Изведувач

Background