Се’ за храна: Храна за добар вид
Може да се каже дека видот е нашето најважно сетило, бидејќи 90% од информациите од околината ги примаме преку очите. Токму поради тоа припремивме неколку информации околу тоа кои намирници помагаат за одржување и претставуваат храна за добар вид.
Истражувањата покажале дека антиоксидансите го намалуваат ризикот од макуларна дегенерација, а одредени специфични антиоксиданси може да бидат и тоа како значајна помош.
На пример, витаминот А штити од слепило, а намирници кои се богати со него се рибиното масло, џигерите, јајцата, млекото и млечните производи, морковите, спанаќот, доматите, портокалите и кајсиите.
Витаминот Ц може да игра важна улога во спречување или ублажување на глауком. Овој витамин го има во шипките, во бобинкастото овошје, во кивите, лимоните и темниот листест зеленчук како што е блитвата, магдоносот, брокулата, зелката и слично.
Есенцијалните масни киселини (кои ги има во јаткастите плодови, маслиново масло, рибата, млекото, спанаќот, алгите) помагаат на очите на различни начини. Тие се корисни за ублажување на симптомите од суво око, па се до оштетувања на макулата.
На кратко, за добро здравје на очите и зачувување на видот треба да јадете доста зелен и лиснат зеленчук, барем 2 пати доколку е можно да јадете риба. Исто така е добро, како корисна ужинка да ги бирате јаткастите плодови, а и да јадете овошја и зеленчуци во жолта и портокалева боја.
Консумирањето на преголема количина на „лоши“ јагленихидрати, како на пример бело брашно и индустриски шеќери, може да го зголеми ризикот од развој на макуларна дегенерација, во комбинација со староста на единката, а тоа се должи на високиот гликемиски индекс.
Превземано од sezahrana.mk