„Стадион“: Живот и економија во корона-услови – епидемијата стивнува релативно брзо, економските последици може да траат долго (ВИДЕО)

Коронавирусот е глобална закана за здравјето и за животите на луѓето. Досега во светот се заразени повеќе од 270.000 луѓе, починаа повеќе од 11.000. Државите воведуваат вонредни, радикални мерки… Но, Ковид19 радикално влегува и во економијата. Колку ќе трае, како ќе се преживее рецесијата? Се прекинуваат економските синџири, протокот на луѓе, стока и услуги секнува. Што презема светот за да се спречи економски колапс? Што презема Македонија?

На оваа тема денеска се дебатираше два часа во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“. Гости на Столе Наумов во скопското студио му беа министерот за економија Кршеник Бектеши и потпретседателката на Сојузот на стопански комори, Габриела Кулебанова, а Наум Барзов од штипска „Баргала“ во штипското и’ гостуваше на Весна Коловска, чија новинарска истражувачка сторија на оваа тема беше емитувана во рамките на емисијата. Телефонски во емисијата се вклучија и новинарот Горан Теменугов, професорот Трајко Славевски, претседателот на ССМ, Дарко Димовски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежовска.

– Владата ги презема сите мерки за коридорот на проток на стоки, дневно донесуваме нови протоколи, нови мерки, се’ со цел да им олесниме на транспортерите. Одржуваме состаноци со трговците, дистрибутерите, производителите на храна и овде нема причина за паника. Бараме решенија и за најпогодените во моментов од кризата, како угостителството и туризмот, во кои работат околу 30.000 луѓе. Секојдневно комуницираме со стопанските комори, со поединечни индустрии. Сакам да апелирам до сите работодавачи, да не брзаат со отпуштања работници поради кризата, заеднички ќе бараме решенија за решавање на проблемите – рече министерот Бектеши.

Тој информираше дека се преземени мерки да им се стави крај на постапките на некои нечесни бизнисмени и трговци, а како пример ги спомена астрономските цени на лимоните, кои деновиве се продаваа по 200 денари, па и малку поскапо. Иако, како што рече министерот, нивната увозна цена на 11 март била 45, а потоа паднала и на 35 денари.

– Лично, како министер за финансии, бев во првата линија за време на финансиската криза 2007/2009 година. Но, ова сега е посебна ситуација зашто имаме здравствен проблем и одвраќање на голем дел од работната сила надвор од работните процеси. Во светот имало масовни епидемии и загубени животи во нив и пред децении наназад. Заразата брзо се шири, но и стивнува релативно брзо. Но, економските последици може да бидат многу подолготрајни ако не се преземат навремени и соодветни мерки – истакна професорот Славевски.

Наум Барзов рече дека „Баргала“ во моментот работи со материјали што претходно ги има донесено и со намален капацитет зашто ги почитувале препораките на Министерството за здравство и на Владата за ослободување на неколку категории работници во овој период, но нагласи дека има голема неизвесност за наредниот период зашто не се знае колку ќе трае кризата со вирусот – два месеца, три, шест… Тој до надлежните во државата предложи сите тендери за униформи и чевли за армијата, полицијата да се насочат кон македонски компании од текстилната и од кожарската индустрија, за барем малку да им се олеснеле сериозните проблеми.

– Голем број несовесни работодавачи најавуваат отпуштања на вработени. Засега тоа се само најави, но стравуваме дека деновиве со тоа и ќе почнат. Затоа, како Синдикат бараме од Владата да прогласи мораториум на сите откажувања договори за вработување. Исто така, бараме и редовна и целосна исплата на платите, со одложување на плаќање на придонесите, а тие да се намират по завршувањето на кризата. Не можеме да се согласиме дека некои работодавачи, од кои дел сакаат да профитираат од кризата, немаат да исплатат ни по една плата на вработените. Со работнички труд стекнаа капитал и резерви, па имаат да го пребродат првиот удар и да одвојат за плата на истите тие работници – нагласи Димовски.

Габриела Кулебанова истакна дека Управниот одбор на ССК на вчерашниот состанок донел заклучок за воздржување на сите членки на комората од отпуштање вработени. Додаде и оти претходната седмица биле констатирани најпогодените сектори во првиот момент, но сега имало криза во сите гранки и дејности, зашто се работело за верижен систем. Сепак, како што рече Кулебанова, на прво место им била здравстената состојба на работниците и, воопшто, на сите.

Ангеловска-Бежовска, пак, информираше за вчера донесените регулаторни измени од страна на Советот на Народната банка за олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на корпоративниот сектор.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background