Сѐ за храна: Што е поздраво, смуди или цело овошје?
Смудито (напиток од мелено овошје, зеленчук и други намирници) станува се повеќе популарно. Нема сомнежи дека тоа е здрав оброк. Но, дали вкусното смуди е поздраво од целото овошје, во неговиот природен облик?
Овошјето спаѓа во групата на најздрава храна. Речиси секој нутриционист ќе ви препорача дека може да јадете овошје колку што сакате (доколку немате дијабетес). Но, ако го сомелете овошјето во блендер, така што ќе добиете каша, тоа го променува и дејството во организмот.
Се прашувате зошто смудито е различно од целото овошје?
Причината е многу едноставна. Овошјето природно содржи шеќер, но тој е комбиниран со растителни влакна и други состојки кои значително ја успоруваат неговата апсорпција. Штом го сомелете овошјето во каша, организмот ќе почне многу побрзо да го апсорбира шеќерот од него. Многу луѓе посакуваат да избегнат такво нешто, од две причини. Првата е тоа што брзата апсорпција на шеќер во организмот, брзо го подигнува нивото на шеќер во крвта, а тоа го поттикнува панкреасот да лачи повеќе инсулин. Другата причина е тоа што брзата апсорпција на шеќер ги поттикнува воспаленијата во организмот, па сигурно и тоа сакате да го избегнете.
Растителните влакна во овошјето се како мрежа која го забавува претворањето на шеќерот од овошјето во шеќер од крвта. Штом таа мрежа се уништи со мелењето, целиот шеќер од смудито многу брзо се апсорбира во крвта.
Покрај тоа, за да изџвакате и изедете јаболко потребно е одредено време, така што хранливите состојки и шеќерот постепено достигнуваат во желудникот. Смудито може да го испиете за миг, па цела количина доаѓа веднаш до органите за варење. Затоа, кога овошјето го џвакате, органите за варење имаат повеќе време да ги апсорбираат витамините, минералите и другите здрави состојки. Овошјата кои се сомелени во смуди, буквално поминуваат низ дигестивниот систем.
Но, сепак може да се заклучи дека смудито е здрав напиток, особено ако се прави од различно овошје, зеленчук и други здрави состојки како чија семе, ленено семе и јаткасти плодови. Како и да е, целосното овошје е поздраво – и тоа значително.
Превземано од sezahrana.mk