Татјана Чакулев од О2: Си граделе „на кој како му се сонило“, сега ќе си легализираат
Според Татјана Чакулев од Иницијативата О2 , смета дека поднесувањето на илјадници амандмани од страна на петте пратеници кои што не гласаа за законот е единствениот начин во Собранието да се блокира повторното изгласување на новиот закон за легализација на дивоградбите.
„Претседателот Стево Пендаровски апелираше до пратениците да размислат добро пред повторно да одлучуваат по овој закон. Сепак нашето досегашно искуство укажува дека не можеме многу да сметаме дека ќе преработи совеста на Пратениците. Реално најголемиот број на пратеници кои се членови на партии, особено поголемите партии се само гласачка машина, каква директива ќе се добие да се гласа, така и се гласа. Со оглед на тоа што има договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по овој закон, ние не очекуваме дека ќе се смени мислењето. Затоа се надеваме на единствената алатка што е ставена во рацете на пратениците, на петте пратеници, кои поднесоа барање до Претседателот да не го потпише законот, со амандмани да го блокираат овој закон иако лично ние сме против таков чекор, меѓутоа кога нема друга алтернатива, тој краен чекор треба да се искористи за овој закон, затоа што навистина има многу причини зошто овој закон не треба да се гласа,“ образложи Татјана Чакулев во своето гостување во емисијата Стадион на Канал 77.
Според неа со овој нов закон за легализација бувално се поништуваат редица други закони.
„Се руши правниот поредок во државата и тогаш станува беспредметно зошто имаме Закони за заштита на природат, закон за градење, закон за урбанистичко планирање, закон за води, за заштита на културното наследство, кривичен закон. Убаво си стои во Кривничниот закон дека кривично дело е ако градите бесправно. Уште повеќе што комплетно беспредметни стануваат просторните и урбанистички планови со кои треба да се уредува урбанистичкото планирање, што каде ќе има, каде ќе се гради, каде нема да се гради. Тоа е посебно важно затоа што се дозволува легализација во заштитени подрачја од највисоко ниво, како што се Националните паркови па до најниско ниво, т.н парк шуми како таа на Водно или крајбрежните појаси каде што не смее да се гради и места каде што други закони го регулирале тоа“, додава Чакулев.
Таа вели дека дефинитивно не смее да се легализира дивеењето на некои луѓе кои што си градиле „каде што им се сонило“. Познато ни е на сите дека има изградено огромни хациенди во Парк-шумата на Водно и сега со овој закон за легализација тие и ќе се легализираат.
„ Значи некој што си решил да си изгради на некое вакво заштитено подрачје ќе си го легализира без проблем, бидејќи се бара согласност од Министерството за животна средина. Мислам дека јавноста не е запозната дека и во стариот закон за легализација имаше одредба за легализација на објекти во заштитени подрачја и бројни дивоградби беа легализирани токму по мислења дадени од Министерството за животна средина. Во оваа Министерство , мислењата ги издарав Секторот за природа. Во период од 10 години, од февруари 2011 до февруари 2021 година, овој сектор има издадено 1030 стручни мислења. Врз основа на ова можете да замислите колку легализации се спроведени“, смета Татјана Чакулев од Иницијативата О2.