Хемофилтрацијата се користи уште пред короната и не е скапа метода, туку е животоспасувачка, истакна Д-р Жан Митрев
Хемофилтрацијата не се прави само на пациенти заболени од коронавирус, туку за различни проблеми и не е скапа метода. Скапа е во однос на потрошните материјали и средствата кои се употребуваат, но е животоспасувачка за многу пациенти. Ова го истакна кардиохирургот Д-р Жан Митрев во гостувањето во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
– Конкретно за коронавирусот, ние не ги сменивме цените за хемофилтрацијата што ги имавме од претходно. Месечно дотогаш имавме 5-10 пациенти и тие машини континуирано работеа за различни потреби. За време на короната, јас и јавно кажав, нема да бидат проблем пациентите кои се во стабилна состојба, туку за оние кои треба интензивна нега. Така и се случи. Короната релативно добро ја поминуваа 90 отсто од пациентите, но останатите беа во сериозна состојба. Кај нас доаѓаа тие 10 посто кои беа во најлоша состојба, а ние на тие пациенти имавме 20 отсто смртност, истакна Д-р Митрев.
За време на пандемијата со ковид тој вели дека тие како доктори се соочиле со бран на пациенти како што никогаш не виделе досега. Голем проблем биле и пациентите кои се третирале со антибиотици и кортикостероиди.
Зборувајќи за цените и за тоа што се зборуваше за „воено профитерство“, Д-р Митрев вели дека цените за интензивно лекување се високи затоа што има реални трошоци. Кога ја правел болницата вели не очекувал дека ќе има корона, но ја направил да има услови за најтешко болни пациенти, што смета дека се покажало како добра стратегија.
Пред да се зборува за затвореност на болницата, тој вели треба да дојдат екипи и да видат како се лекуваат пациентите со коронавирус.
-Јас сум 22 години тука и ниедна официјална екипа, еве доктори и новинари, немаат дојдено да видат што се случува кај нас. Не знаат како ние ги лечиме пациентите од влез до излез, низ што се пациентот минува, какви се постапките, што се ние правиме. Еве отворено ги канам, од понеделник нека дојдат. Сега има нов директор на Фондот за здравство и нов министер, јас јавно кажувам дека фаќам врски да ме примат и во фондот и во министерството. Јас сум единствена приватна македонска болница која дава есенцијални услуги. Секоја чест на новинарите, но не може да кажат дека сум затворен ако не дошле кај нас. Ние ги спроведуваме сите највисоки стандарди во медицината, работиме по исти стандарди официјално со Стенфорд. Ниедна процедура јас не ја правам како што мене ми текнало, туку по протоколи, рече докторот.