Центар за аутизам во Штип или само центар за згрижување на децата

По Скопје, Штип е вториот град каде државата се одважи да изгради Дневен центар за аутизам. Го најавуваа со години, министрите за труд и социјала се менуваа, но колку реално Центарот ја подобри социјализацијата на децата со аутизам, кои и понатаму се на општествените маргини.

Отворањето беше добра основа, но се случи набрзина, со децата работи мал кадар кој не е доволно обучен – реагираат родителите.

Го најавуваа помпезно, го отворија подоцна од планираното – надлежните истакнуваа дека Центарот ќе згрижува триесетина деца, кои преку подобрување на комуникациските вештини подобро би се интегрирале во општеството. И речиси две години по отворањето, Центарот за аутизам во штипската приградска населба Пребек е сведен на делумно опремен деловен простор во станбена зграда.

Родителите метафорички велат, се’ што е повеќе од нула е добро, но вработените никој не ги испрати на обуки за да може да имаме подобрување кај нашите деца.

„Тоа беше добра основа, што воопшто се отвори нешто но се отвори без претходен план. Пред да се отвори Центарот јас излегував во медиуми и тоа го потенцирав заедно со други родители – да имаш Центар за аутизам треба да имаш обучен кадар“, вели штипјанецот Зоран Мијалков. Неговиот син Петар, од својата двегодишна возраст живее со развојното нарушување наречено аутизам. Петар е едно од деветте деца кои го посетуваат Центарот.

„За да работиш со деца со аутизам потребни се обуки. Обуки за АБА, ПЕКС…  ПЕКС е терапија каде со слики детето учи да ги изрази своите потреби или чувства. Има посебни тетратки за тоа. Доколку  обучен кадарот, детето ќе ја научи пекс таблицата и така сите ќе можат да комуницираат со детето. Потоа доаѓа доктор, дан доктор за аутизам па врз основа на тие испитувања се дава терапија па потоа се постигнуваат резултати. Ако детето нема терапија, ќе има минимум напредок, а може и да нема. Децата може да си пречат едно на друго. Во добрите центри децата се одделуваат, но се надеваме дека во иднина ќе се овозможи и тука работа еден на еден“, истакнува родителот.

И покрај ова, според првичните најави Центарот требаше да функционира на регинално ниво. Во 2014 година, тогашниот заменик министер за труд и социјала, Ибрахим Ибрахими, кој сега веќе е на чело на овој ресор, при средба со штипскиот градоначалник, Илчо Захариев изјави дека овде ќе доаѓаат деца од цела источна Македонија. Сепак, деветте деца,  кои го посетуваат Центарот за аутизам се само од Штип. Превозот е обезбеден со државни пари. Таму работат пет жени. Откако ги испратија децата, тие ја пречекаа екипата на Канал 77, пред нашиот микрофон и тие споделија како  функционира Центарот.

„Децата се различни, некои се хиперактивни некои не се. Тие коишто се хиперактивни се обидуваме да ги смириме, со помош на игра со коцки, односно стимулација смирување со помош на редење. Исто така се работи и на нивната психомоторика, редење на некои работи кои ги донесуваат од дома, макарони, коцки или посебни фигури кои може да ги редат“, информира дефектологот, Катерина Крстева.

„Тие се навикнати на редослед па се вознемируваат ако има отстапки. Ако некое дете има грешка во некоја задача, се вознемирува кога му кажуваш дека е тоа погрешно. Но кога му објаснуваме на смирен начин дека не е точно тоа што го прави, тогаш ја воочува грешката“, споделува Крстева.

Вработените, исто како и родителите сметаат дека треба да им се овозможат обуки.

Според педагогот, Даниела Ташкова пак, кога се работи со овие деца секогаш има потреба од дополнителен кадар, иако како што вели таа, со своите колешки се трудат да се координираат и да работат попосветено:

„Секогаш има потреба од кадар. Се снаоѓаме, соработуваме имаме тимска работа. Ништо нема да постигнеме ако ги оставиме сами. Генерациски се разликуваат и не си играат заедно. Мора да ги  насочиме за да им го свртиме  вниманието кон одредена задача – редење коцки или слично. Секој ден се трудиме за нивен напредок, работиме на стекнување хигиенски навики како миење раце и слично. Тоа е како еден ред или процедура што тие ја  меморираат. Знаат дека кога доаѓаат треба да се соблечат, ако сакаат да одат до тоалет ни покажуваат и слично. Кога јадат знаат дека си имаат посебно место на масата“.

Инаку, играчките  кои ги користат децата во Центарот за аутизам се обезбедени од ресорното министерство, општината, невладините организации, како и од некои приватни компании. Во Центарот има и сензорна соба, која според вработените, треба да биде доопремена. Тие изјавија дека овде се потребни многу дополнителни елементи, како лулашка, базен со топки, огледало и соодветни материјали изложени на ѕидот, за да може децата да ги опипуваат. На овој начин, додаваат тие, децата се смируваат. На сензорната соба, која е еден од клучните елементи во овој објект, забележува и родителот Зоран Мијалков.

„Сензорна соба има во Центарот но за да биде една соба сензорна треба да има обучен човек којшто ќе работи таму. Во сензорните соби вообичаено има повеќе работи кои може да се работат и за секоја работа треба обука, но нема и сега во Центарот тоа е таканаречена соба сензорна со душеци, децата лежат или си играат. Не значи дека вработените не се трудат, но тоа не е Центар за аутизам, туку е Центар каде нашите деца се само згрижени“, смета овој татко.

Објектот зафаќа површина од околу 300 квадратни метри. На неколкуте простории каде се одвива работата, друштво им прават уште неколку соби кои не се функционални. Додека чекаат да ја видат светлината на денот, тие играат улога на магацин. Пролетното ветување од пред две години пак, кое го даде градоначалникот Захариев, дека во овој Центар ќе функционира и парк, само за децата со аутизам – се’ уште виси во воздух. Тие имаат настава во природа, но само во паркот во населбата. Наместо двор, пред самиот Центар се наоѓа паркинг. Од општината не ни одговорија дали и што планираат да направат во оваа насока. Најавија дека свој коментар ќе дадат за една до две недели.

И додека целиот свет се бои во сино одбележувајќи го Светскиот ден на аутизмот (втори април), родителите решија оваа година, Меѓунардониот ден да го одбележат еден ден порано. На штипскиот плоштад „Слобода“ зборуваа за проблемите со кои се соочуваат како родители на деца со попречености, за да потсетат дека и покрај Интернационалниот ден кој е посветен на нив, тие заслужуваат нивните права да ги стваруваат во текот на целата година.

Штипјанката Викторија Каранфилова, мајка на тинејџер кој има аутизам, зборуваше за извесните придобивки кои ги имале од живеењето во Скопје кога нејзиниот син бил помал.

„Во Штип се случува децата да не се примаат во градинка. И тие имаат право да предучилишно воспитание и образование. Имаме право да живееме овде. Во основните училишта инклузијата не функционира. Сепак, јас го разбирам кадарот бидејќи точно е дека не се обучени. Дневните центри овде функционираат само на ниво на чување деца, за ние во текот на тие неколку часа, колку што можат нашите деца да издржат таму, да се ослободиме и да се посветиме на другите членови од нашето семејство“, вели Каранфилова.

Дел од децата со аутизам во Штип, покрај Центарот, ја посетуваат и посебната паралелка во Основно училиште „Ванчо Прќе“, каде се одвива посебна настава само за нив. Училницата беше опремена со пари кои ги донираше странска фондација.

Првиот Центар за аутизам во Македонија беше отворен во Скопје во 2014 – та. Една година подоцна ваков Центар доби и Штип. Според неофицијалните податоци во Македонија живеат три до четири илјади лица со аутизам. Државата нема Национален регистар кој би покажал колку граѓани ја имаат оваа ментална состојба, а нема ни Национална стратегија за нивна инклузија.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 


Во етер
Наслов
Изведувач

Background