(видео) Повеќе ме плаши инструментализацијата на бугарските пасоши и членувањето во одредени клубови – Ристески во „Стадион“

Во септември се очекува нова средба на членовите на Мешовитата историска комисија на Македонија и Бугарија.Терминот се’ уште не е утврден, вели членот на оваа Комисија, Љупчо Ристески. Договорен е дневниот ред. Членовите се  очекува да разговараат за дефинирањето на средновековниот период во учебниците и за постигнување на платформа за заедничко чествување на Гоце Делчев. Антропологот Ристески, во емисијата „Стадион“ на Канал 77 вели дека целата работа на Комисијата се случува во еден исклучителен контекст, што често се инструментализира, а три години има дневно -политичка основа. Сега, со почетокот на предизборната политичка кампања во Бугарија одредени изјави, како таа на бугарскиот амбасадор во САД, добива дополнително светло во рамките на таа кампања.

Професорот Ристески не е многу оптимист од работењето на Мешовитата комисија од проста причина што, како што изјави, бугарските членови имаат класичен поглед на историјата, јазикот и етничноста, што е сосема спротивно од ставовите на македонските членови.

-Колегите од Бугарија не можат да го разберат тој основен принцип на антропологијата дека ние повеќе од еден век сакаме да бидеме посебни и сме посебни, различни од другите, си го негуваме својот идентитет, јазик и се’ друго македонско. Целиот овој процес го гледам како јакнење на нашиот идентитет – треба да се дебатира, во јавноста но нека читаат, луѓето мора да читаат секој да ги погледне препораките и да каже ова не е добро. Мене повеќе ме плашат одредени случаи во јавноста, во кои наши луѓе се вклучен во одредени клубови, одат по пасошите. Уште пред 13 години напишав за тоа, но никој не гледаше дека бугарската политика ќе ги искористи, вели Ристески.

Во студијата „Бугарски пасоши“ – можности за поголема мобилност на Македонците и/или стратегии за манипулација со идентитетот?“ објавена во 2009 година, професорот Љупчо Ристоски ја изразува загриженоста од политичката злоупотреба на пасошите издадени од Бугарија на македонски државјани.

-Во случајот со стратегијата на бугарската држава и администрација, од правна гледна точка, нема ништо спорно во однос на државјанството кое им било дадено на македонските граѓани. Од друга страна, имајќи ја предвид историјата и актуелноста политички настани за негирање на македонскиот национален и етнички идентитет, негирање на македонскиот јазик итн., постојат одредени толкувања кај македонската јавност, дека ова стратегијата е една од многуте кои Бугарија веќе ги презеде кон Македонците за дестабилизација на нивниот идентитет. Мислам дека најчувствителен е фактот дека на членките на ЕУ долго време не сакаа да го разгледуваат овој проблем, што е можеби далеку од нивните размислувања, но тоа може да биде злоупотребено од бугарската држава во различни изјави, но и преку преземање активности за „заштита“ на бугарските граѓани кои живеат во Македонија, а кои во овој случај имаат бугарско етничко потекло“, пишува Ристески во студијата „Бугарски пасоши“ – можности за поголема мобилност на Македонците и/или стратегии за манипулација со идентитетот?“.

Како што изјави Ристески во  „Стадион“, во препораките и за македонските и бугарските учебници членовите на Комисијата се водат од принципот на мултиперспективност и потсетува дека земјите од регионот во пост-социјалиситчкиот период во образовните системи поминаа низ сложен процес на ревизии на наративи.

-Само последните 30 години се случија силни промени во наративот и ние не сме исклучок од тоа. Се случија промени по социјализмот во историските и етнографските приоди кон минатото, ревизија, објавени огромни едиции. Па, Бугарија се прогласи за цивилизатор на Европа, Србите за најстар најстар, Хрватите потеклото го побараа во некакви ирански корени. Тоа влијаеше на силно ревидирање на историографскиот, етничкиот и националниот наратив кај сите нас тука, изјави професорот Љупчо Ристески.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background