Last Expedition со Hey Ho се вратија од иднината
По цели 22 години од албумот Box, Last Expedition се враќаат со нов сингл. Песната Hey Ho, авторски ја потпишува Енко, аранжманот е на бендот, а истата е снимена во студиото Тралала на Мите Димовски.
За оваа прилика, Last Expedition се појавуваат во освежен состав, во кој се: Енко (вокал), Сецко (гитара), Салпе (гитара), Драган Стојковски (бас) и Сашко Костов (бубањ).
Во студиската сесија, басот го сними Славчо Пеев.
Новиот сингл на Последната експедиција е вистинско освежување на домашната, веќе повеќе години анемична музичка сцена. Модерна, како за новото време, а повторно се работи за оној стар, добар Expedition, каков што некогаш во 90-те, го знаевме. Нешто како враќање… Во иднината.
Експлозивниот видео-спот беше снимен во студиото Prolight. Во неговата реализација учествуваа Горан Наумовски, како камерман, и Дарко Антоновски, кој потпишува режија и монтажа.
Last Expedition, еден од најголемите македонски алтернативни рок состави, е оформен во 1986 година во скопската населба Ѓорче Петров.
До сега имаат реализирано три студиски и еден албум снимен во живо: Intro (1993), Изгубени ликови (1994), Box (1997) и Live – A1TV Exic (2001).
Како најголемите хитови на Last Expedition се: Песната за песот, Далеку си, Ќељав дабар, Шефе, баладата Не е важно…