ВЕЛИАН ЈАГЕВ, фотограф И МИЛАН ДАМЧЕВСКИ од ПроКредит Банка: НЕзаштитена природа и НЕпозната Македонија (видео)

Велиан Јагев по вокација е шумарски инженер, по хоби е фотограф кој љубовта кон природата ја преточил во илјадници слики на инсекти, птици, животни и познати и непознати и недопрени предели од човекот ширум нашата прекрасна Македонија. Ентузијазмот на Јагев веќе 12 години живее по планините, реките, езерата и полињата како упорна, трпелива на прв поглед утописка, но секогаш храбра и искрена авантура која тој ја разбира и презентира низ своите фогтографии како исконски крик за поголемо внимание и загриженост, поголема свест кај граѓаните и институциите за природата и зачувувањето на животната средина.

–  Ако  не го зачуваме  ова неверојатно живописно богатство што несвесно или свесно не сакаме да го видиме, ако не ја заштитиме природата тогаш нашите потомци ќе ги оставиме и без природа и без историја и без иднина – вели Јагев во интервјуто за емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.

Јагев како вистински екоамбасадор својата мисија ја продолжува со изложбата „НЕзаштитена природа“, фотографии на птици од гнездата, грмушките, јаслите, пештерите, дрвјата на Кочилари, Охрид, Цоцев Камен, Долни Балван, Дојран, Демир Капија, Кокино, Мантово, Преспа, Ногаевци, Градски парк Скопје…

Тој во интервјуто зборува и за својата „егзотична“ македонско перунска животна приказна, за соработката со бизнис заедницата, со локалната самоуправа и апелира до сите институции и сите добронамерници, до медиумите да се однесуваат со поголема почит и внимание кон екологијата, растителниот и животинскиот свет.

Милан Дамчевски, член на УО на ПроКредит Банка  во духот на главното мото „20 години пример за одговорност“ зборува за познанството со Велиан Јагев и благородното искуство со проектот„НЕзаштитена природа“, кој беше реализиран со каравани и средби со граѓаните низ Македонија и со аукција на фотографии и собрани средства од клиентите и пријателите на банката наменети за живеалиштата на птиците и животната средина.

–  Улогата на банките треба да биде тесно поврзана со општествената одговорност. Прекрасните птици овековечени со објективот на Јагев верувам дека ќе делуваат возбудливо, но и отрезнувачки на луѓето насекаде низ Македонија и ќе го предизвикаат и разбудат тоа чувство на инспирација и воодушевеност што нас не обзема кога ги видовме првите фотографии, свесни за убавините покрај нас и свесни за обврската што ја имаме кон птиците, животната средина и природата. Ние не финансираме и никогаш тоа нема да го правиме, проекти кои се лоцирани во заштитени подрачја или се еколошки штетни, без разлика на тоа дали имаат градежни и други законски дозволи и предуслови. Имаме листа на активности кои негативно се одразуваат на животната средина и општественото опкружување и кои не ги поддржуваме преку кредитирање – вели Дамчевски.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background