(видео) Ако не набавиме струја, зиме половина Македонија ќе живее под рестрикции – Пановски во „Стадион“
Од земјите во регионот, Македонија заедно со Косово, Србија и Албанија е во најлоша ситуација со енергијата, додека единствена која извезува енергија е Бугарија. Состојбата ја пренесе енергетичарот Михаил Пановски во емисијата „Стадион“, кој смета дека само брзото приклучување кон системот на Александрополи, кој во перспектива ќе носи азербејџански гас. Во спротивно, фирмите ќе пропаѓаат и затвораат, особено тие во чиј производ или услуга најголема ставка е енергијата.
-Во Косово веќе почнаа рестрикциите, во Србија купуваат струја. Единствена држава од регионот која продава, е Бугарија. Тие на секој час извезуваат по 2000 мегавати. За да имате претстава:Цела Македонија со своите капацитети ќе произведува по 1500 мегавати. Бугарскиот пазар работи по ЕУ регулативи и не е едноставно да се отиде во Бугарија и да побара струја. Треба да ја поминеш берзата во Софија. Не знам како преговорите. За нас е доволно да имаме гаранции од Бугарија од нивниот преносен оператор ЕСО систем дека нема да ги затворат границите. Имавме ситуација во 2011 и 2017 година кога ЕУ ги прогласи границите затворени, но на наша молба и барање Бугарија нас не’ иззедоа од затворањето на границите. Така треба и сега да побараме за нас повторно тоа да не важи. Многу важно е тоа да побараме за нас да не важи затворањето, бидејќи ќе биде многу лошо во зима. Со сегашниот капацитет, пола Македонија ќе треба да биде во рестрикции, изјави Пановски.
Ова свое тврдење, Пановски го базира на последните информации од земји од Германија, каде очекувањата се дури и при евентуално завршување на војната во Украина, цената на мегават час струја да не падне под 200 евра. Тој вели дека 30 години не е инвестирано во македонската енергетика, со исклучок на две мали хидроцентрали – Козјак и Света Петка.
-До 2001 – 2002 година, потребите за струја беа целосно покриено од наши извори, па потоа почнавме да увезуваме. Имаме само два блока во РЕК, кои работат помалку од потенцијалот. Како држава 30 години не направивме стратегија за нови капацитети, иако се предвидуваше енергетската криза. Фирмите доаѓаат до колапс, тие се на слободен пазар и се врзани со берзата во Унгарија. Берзата е полудена. Цената на гасот е 15 пати повисока од лани. Огромен дел од компаниите не можат да работат во пазарни услови. Со овие цени сега, нашите фирми, тие кои значаен процент им влегува енергијата, се осудени или да затворат привремено или трајно, изјави Пановски.
Во однос на ставот дека вградувањето на фотоволатиците ќе го решат проблемот со скапата струја, Пановски тврди дека тоа не погрешно. Во своите аргументи наведува дека од 8760 часови во годината, 1400 се сончеви. Фотоволтаиците се непредвидлива енергија и создава големи дисбаланси, а системот мора да се балансира. Тоа може скапо да чини. Ако не можеме да балансираме не можеме да ги покриеме сами ќе праќаме пенали.
-На Мекедонија и’ фали базна сила, односно она што некогаш го произведуваше РЕК. Во енергет инвестиции треба да се планираат. Проблемот е што за 25 години инвестиравме само во две мали хидроцентрали – во Козјак и Света Петка. Гасните централи се решение – ем ќе балансираме, ем ќе имаме енергија. Ние сега сме приклучени само на рускиот гас преку Ќустендил – Крива Паланка. Најважно е да се приклучиме на азербејџанскиот гас од Александрополи – немаме друг енергенс. Тој е за 30% поевтин. Јагленот го потрошивме, увозот не е решение. Викаат ќе увезат милион тони. Тоа технички е невозможно, физички колку камиони се тоа, патот ќе го ископаат. Единствена опција е што побрзо да се приклучиме кон Александрополи и да се направат две гасни централи во Неготино како ТЕ-ТО. За 12 месеци за увоз на струја плативме толку колку што сме можеле да направиме неколку централи како ТЕ-ТО, изјави Михаил Пановски во „Стадион“.
Според Пановски, на Чебрен и Галиште не може да се смета, бидејќи по пример на Козјак, ќе треба да се градат 10 години.