(Видео) Зошто македонските студенти одат во Словенија, а не на битолскиот УКЛО?

Податокот што го објави македонската влада дека 800 македонски студенти студираат на универзитетите во Словенија е поразителен, додека стојат празни слободните места на македонските факултети. Ова е став на дел од кандидатите за ректор на Универзитетот „Климент Охридски“ од Битола (УКЛО), кои во емисијата „Стадион“ на Канал 77 имаа различни толкувања во зависност од тоа од која позиција доаѓаат.

Актуелниот проректор и кандидат за ректор, Љупче Кочоски смета дека проблемот произлегува од погрешни државни политики во образованието во минатото и отворањето на нови државни универзитети. Отворањето на нови факултети, според Кочоски, е поради мислењето на некои дека квантитетот ќе го зголеми квалитетот.

-На нашиот Факултет по биотехнички науки, запишуваме по 200 студенти, а во најдобрите години и по 280 студенти, како факултет со четири специфични програми. Сега имаме мал број на студенти. Такви факултети се отворија насекаде. Уште повеќе што имаме големо намалување на завршените средношколци. Пред десетина години, според мои истражувања, завршуваа по 23.000 матуранти, а сега се 16.000, од кои владата изјавува дека околу 800 се запишале во Словенија. Намалувањето на квалитетот поради големиот број на факултети води кон желба на средношколците за студирање во странство. Дали е тоа Словенија, каде има две до три универзитети и други држави.  Да не зборувам и за друг број на проблеми, пред се’ финансиски. Не можам да заборавам во 2015 година кога се формираше универзитетот „Мајка Тереза“ на седницата на Собрание се зборуваше дека се отвора нов универзитет, кој ќе биде без никакви финансиски импликации по буџетот. Еден ист буџетот е за сите, а се отвори нов универзитет за кој се крати од останатите. Таков е односот на политиката, рече Кочоски.

Неговиот противкандидат, професор Јове Кекеновски вели дека неуспесите на раководството на универзитетот не може да се оправдаат со тоа дека паѓа бројот на завршени средношколци. Според него, тоа се должи на лошото менаџирање.

– Не можете да не вложете напори да вложите што повеќе студенти да запишете. Лесно е да кажете кај сите паѓа тој број на новозапишани. Кај нас тој број упорно паѓа и последни сме по број на запишани студенти. Тоа укажува дека нема акција, не сме покажале квалитет, не сме реагирале на осовременување на програмите. Не може во прв циклус да запишете во просек 41-42% во однос на вкупната квота.  На втор циклус 17% од вкупната дадена квота од државата. Да не речам и на третиот циклус уписот да биде 14%. Тоа јасно укажува на лошото менаџирање, рече Кекеновски во „Стадион“.

Тој го истакна податокот дека во 2012 година според домашното рангирање, УКЛО бил треторангиран,  додека од 2016 година постојано паѓа.

-Последната рејтинг листа покажува дека сме на петто место. На светската ранг листа сме на 6303 место од 20.000 универзитети во светот. Што е уште пострашно, на последното рангирање лани во јули сме биле  895 повисоко. За 6 месеци сме паднале за 895 места. Се плашам дека ќе паднеме 1000 места со новото рангирање. Другите универзитети што беа лошо категоризирани успееја за овие 6-7 години да одат напред, а нашиот постојано паѓа. Тоа се ДУТ и Штуловиот, кои не’ претекнаа, изјави Кекеновски.

Во „Стадион“ свое видување за опаѓањето на квалитетот на студирање на УКЛО и бројот на запишани студенти даде и професор Злате Димовски од Факултетот за безбедност. Според него новиот ректор треба да внесе нова клима, нов дух.

-Нашиот универзитет по системот на рангирање последните години многу падна. Многу е битно развивањето на квалитет и во таа функција ќе направиме стратегија за квалитет и стратегија за интегритет. Прво на субјективно ниво на секој професор, а потоа и на цел универзитет. Да биде препознаен и да привлечеме студенти, рече Димовски.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background