(видео) Ленин Јовановски: Нека удрат со санкции на Путин и нека му ги земат имотот и парите, нека го остават рускиот народ на мира
Зошто да страда невиниот руски народ, руските граѓани, ако за западот е виновен Путин нека се сконцентрираат на него, нека ги спроведат санкциите лично кон Путин, нека се фокусираат на неговиот имот и пари и нека му го одземат огромното богатство за кое пишуваат западните медиуми, вели Ленин Јовановски од огранокот на рускиот мото клуб „Ноќни волци“ во Македонија и пријател на рускиот претседател Владимир Путин.
– Сите критики се насочуваат кон еден човек, иако дури и во најголемите диктаторски царства не одлучувал само еден човек. Не е ова единствена желба на Путин туку на советниците, на парламентот, на народот. Не влезе тој сам како специјалец да прави што сака во Украина, туку војска, генерали, хиерархија и со одредена причина, а не оти на некој му се сонило. Специјална операција како одговор на украинската војска која седум години врши терор во Доњецк и Луганск, а светот молчеше за убиените цивили, деца и масовни гробници. Никој не е за војна и жртви и тоа заслужува секаква осуда но треба да се кажат фактите. Не се Украинците фашисти туку една минорна група десни фашистички орди кои требало да се спречат да дивеат. Ние имаме моторџиски одделенија и пријатели и низ Украина, во Киев, загинати има во Донбас и сега во Украина, сите тие ни се браќа и ние гледаме на ова како братоубиствена војна испровоцирана од страна, поттикната од некои околности кои треба реално да ги видиме и реално да ги кажеме – вели Јовановски.
На споредбите со Бугарија и Грција кои како поголеми држави би можеле воено да ги решат споровите со Македонија, Јовановски потенцира дека не е исто кога зборуваме за политички терор и за воени, фашистички напади и убиства на цивилно население.
– Државен тероризам, нуклеарен тероризам, се користат овие термини деновиве за да се осуди Русија, но големите сили си избираат сами формулации што им одговараат. Во Србија за цивилните жртви Америка велеше дека се колатерална штета – изјави Ленин Јовановски и додаде дека моторџиите се космополити и тој исто како руското го носел и промовирал и американското знаме кога патувал низ САД.
На Јовановски лично рускиот претседател Владимир Путин пред неколку години му изразил желба да дојде во Македонија, но никој од политичарите не го поканил, како што тоа го сториле Србите, Словенците и Хрватите.