Во денешниот „Стадион“ се дебатираше за инвалидските пензии и кој ги добива – вистинските инвалиди или, пак, „глумци“ за пари? (видео)
Инвалидска пензија – различни и тешки судбини, голготи, борба за живот, но и борба со немилосрдните институции, комисии, поединци. Неподвижни луѓе остануваат без пензија, а разни глумци, во спрега со лекари, комисии и посредници, вооружени со по неколку илјади евра, стануваат инвалидски пензионери со песна. Некои до целта доаѓаат и по партиски линија зашто партиските канџи го зграпчија и системот за добивање инвалидски пензии. Како да им се застане на патот на злоупотребите, митото, корупцијата? Каков систем, какви реформи се потребни за да се дојде до праведно и достоинствено доаѓање до инвалидска пензија? Тоа беше темата на денешниот „Стадион“ на „Канал 77“ заедно со „Парадокс“. Во рамките на емисијата беше емитувана и новинарската истражувачка сторија на Саше Димовски – „Лажни инвалидски пензионери за суми од по 3.500 евра“.
„Најмалку 77 граѓани од десетина градови во Македонија останале без своите инвалидски пензии и морале на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да му вратат илјадници евра, бидејќи со парите, како што утврдиле кривичниот и граѓанскиот суд, се стекнале без основа.Граѓаните пред судовите тврделе дека не знаеле или не можеле да знаат дека нивните пензии се одобрени незаконски, за што биле осудени повеќе вработени во Фондот за ПИОМ. Но судиите не ги прифаќале ваквите тврдења, повикувајќи се на кривичната пресуда во случајот „Метастаза“, која покажала дека најмалку 77 граѓани, во период од две години, платиле пари за да добијат инвалидски пензии“, пишува, меѓу другото, во сторијата.
– Ништо не се менува на овој план. Само се менуваат лекарите во комисиите во зависност од тоа кој е министер. Сумата од 3.000 до 3.500 евра за добивање пензија од 8.000 до 11.000 денари за мене беше шокантна. Тоа се пензии за две-три години“, рече Димовски во емисијата.
Гостин во студиото беше неврологот Милчо Демерџиев, кој истакна дека слични проблеми има и во други земји, бидејќи фондовите биле се’ попразни, па и се’ потешко се стигнувало до инвалидски пензии. Водителот Столе Наумов го праша и за пресудата за случајот „Метастаза“, во која тој е еден од условно осудените.
– Не беше ништо докажано. Конкретно за мојот случај, се работеше за петнаесетина пациенти што имале наод од тогаш мојата приватна ординација. Таа дијагностика е обично за ишијас, а со таков наод не се добива ни боледување – рече Демирџиев.
Во емисијата се вклучи и Снежана Караџовска, која ја раскажа својата тригодишна голгота додека да стигне до инвалидска пензија откако пред четири години по сообраќајка и’ биле ампутирани двете нозе.
– Се соочуваме со проблеми не само кај инвалидските пензии. Некогаш ќе дојде странка анонимно да пријави неправилност. Меѓутоа, како менаџмент на Фондот за ПИОМ, кога ќе бидеме упорни да даде изјава, да посочи за кого се работи, за да имаме некој цврст доказ, странката едноставно се повлекува. Нашата инвалидска комисија работи врз основа на докази, документи. Имаше една сторија на една наша телевизија, во која еден господин лежи и се жали оти е неподвижен. Меѓутоа, кога го зедовме неговото пензиско досие, видовме дека тој бил во работен одснос до пред шест-седум месеци, а не неподвижен со години. Не велам дека кај нас не постојат неправилности, но работиме тие да се намалат, искоренат. Во моментот работиме на еден проект за кој сметаме дека значително ќе го подобри работењето на Фондот. Има идеја оцената на инвалидноста да се лоцира на едно место, во едно тело, како што е во Хрватска – рече Јадранка Јовановска, директорка на сектор во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.