Отсекогаш постоела дискомуникација со Арсовска – Децидни се координаторките на советничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје
Координаторките на советничките групи на двете најголеми партии во Град Скопје, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, денеска во рамки на гостувањето на градоначалничката Данела Арсовска во емисијата „Стадион“ на Канал 77, имаа можност да ги искажат своите ставови во однос на последните случувања во Советот, но и да и постават прашања на градоначалничката.
– Проблем е тоа што градоначалничката најчесто не излегува да ги брани точките на кои е предлагач, а раководителите на секторите не излегуваат да ги дообјаснат предлозите. Советниците не се експерти, доаѓаат од различни области и понекогаш им требаат дополнителни објаснувања а да донесат став. Раководителите на секторите претпоставувам дека не излегуваат затоа што и не учествуваат во креирањето на предлозите, туку сето тоа се приготвува во кабинетот на градоначалничката. Поради ова на совет како точки на дневен ред добиваме погрешни информации, содржини, па мора сами да ги коригираме, што не било случај претходно, вели Јанчева.
Запрашана дали се координираат со претходниот градоначалник Шилегов во врска со работите во советот, Јанчева рече дека се партиски другари, но вели тој не влијае во нивните одлуки.
– Јас би сакала на седниците да дебатираме само за проекти, како да ги подобриме,што да додадеме или одземеме, а не да имаме драми и скандали. Ние како советничка група ќе го поддржиме буквално секој проект кој е за доброто на скопјани, вели Андоновска.
Во однос на комуникацијата со Арсовска, таа смета дека отсекогаш постоела дискомуникација и недоволна транспарентност. Таа вели и денеска се соочуваат со прашања кои не им се одговорени од Град Скопје.
1. Како градоначалничката тврди дека имало влијание врз понудувачите за пречистителната станица и бараше смена на членовите на комисијата, зошто тие и денес не се сменети?
2. На последните две седмици советниците поднесоа неколку иницијативи за продолжување на автобуски линии и воведување нови, а директорот на ЈСП со закана по живот нападна советник, па дали градоначалничката не чувствува одговорност за ова?
3. Дали градоначалничката не чувствува одговорност кон гласачите на ВМРО-ДПМНЕ , партија која придонесе најмногу за нејзината победа, и доколку е сигурна во нејзините постапки, дали е подготвена да си поднесе оставка и повторно да се кандидира и да видиме дали граѓаните ги оправдуваат нејзините постапки? ( Зборува за разрешувањата на директори од ВМРО-ДПМНЕ и поставувањето кадри на ДУИ)
Одговорите и реакциите на Арсовска можете да ги погледнете во видеото во продолжение