Порака од иселените млади: Политичари, престанете да ги манипулирате луѓето
Каде завршува обидот да се добие добро работно место во Македонија, а каде почнува желбата да се оствари подобра кариера во економски далеку поразвиени земји? Тенка е линијата, велат повеќе млади луѓе со кои разговараме. Сите од еден ценат дека е тешко да се замине од дома, но,различни им се размислувањата кога треба да престатанат обидите да се реализираат во Македонија. Наспроти индивидуалните перцепции на темата да се остане или да се отиде, бројките се неумоливи – дури 78 отсто од младите, перспективата ја гледаат надвор од државата.
Штипјанецот Божидар Андонов (28) веќе три години работи во Германија. Задоволен е, има добра работа, а и добро напредува. На пат е да ја нострифицира дипломата по информатика од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во Германија не заминал туку така. Се обидел дома да најде добра работа и три години работел во фирма која му платила само за година и пол. Фирмата уште му должи и до сега не успеал да наплати три плати. Божидар вели оти не е точно дека младите не се обидуваат да најдат солидна работа со цел да останат дома. Тој лоцира три причини зошто младите си одат.
-Преголемото политичко влијани во сите сфери од нашиот живот, нелојалната конкуренција при вработување, непочитувањето на работничките права и обврските кои ги имаат работодавачите кон вработените, а тоа е нередовното исплаќање на придонеси, здравствено осигурување, се едни од главните причини поради кои и јас заминав, вели Божидар.
Раскажува дека кога фирмата почнала да не исплатува плати, се обратиле до инспекциите, но од таму им советувале да не покренуваат стечај, како доверители, туку да се обидат со арно, бидејќи, како што им рекле, никогаш нема да успеат да си ги земат платите. За разлика од работата во македонската компанија, каде се молеле да добијат обични ракавици за работа, во Германија има далеку подобри услови.
-Не можам да направам споредба со овие услови за рабоа во Македонија, кои се мизерни. Таму имам покриени трошоци за се’. Здравствено, пензиско, редовна плата, сите услови за од и до работа, да работам и да се вратам дома. Во Македонија се молевме за едни обични ракавици, опрема за заштита од бучава не добивавме, иако бучавата од машините беше преголема, вели Божидар и додава дека годишно во Германија му следува 28 дена одмор.
Глобализација
Глобализацијата ги јаде своите деца, би била новата кованица на ова време. Германија е два часа лет од овде, а можностите неограничени. Погрешен е впечатокот, полемизира Божидар дека младите заминуваат без да се обидат дома. Ова го потврдува и студентката по економија, Елена Арсова, која заедно со своите колеги постигна одличен успех на светски натпревар по симулација на берза.
-Немам многу желба, најпрво би сакала овде да се обидам, нели дома си е најубаво, но ако не успеам, залудно овој труд, учење 4 години да не ми пропадне, ако имам шанса би заминала, изјави Елена.
Нејазиниот колега Марјан Димов не ни размислува да оди во странство. Никој не смее да престане да го бара својот потенцијал овде, размислува Марјан.
-Моментално немам објективни услови да заминам, но искрено, тоа никогаш не ми било желба. Не е тоа од некои патриотски причини, туку едноставно од лични причини. Јас си го сакам мојот живот овде, ги сакам луѓето со кои живеам. Некои други работи не сакам, но човек избира каде да се движи, што да прави. Сметам дека потенцијалот сам пред себе треба да го покаже и докаже, а после тоа резултатите, кои се под влијание на други личности, на други состојби во општеството, не мора да ја дадат реалната слика. Затоа не може некој да се разочара барајќи го во средина во која можеби тоа не го сака, смета Марјан
Во групата на овие успешни студенти, можеби идни брокери е и Ивона Арапева. Повеќе не се доволно само добри услови за живот, за Ивона значен момент да се замине или остане е можноста да се оствари добра кариера дома. Веќе има искуство како практикант и очекува фирмите да го препознаат потенцијалот во нив.
-Целата суштина на изворот на проблемите е што многу малку се примерите на тие кои што ги прават нештата како што треба. И можеме да наброиме фирми од стопанството, независно и од финансискиот сектор, кои препознаваат вредност и квалитет. Меѓутоа, додека тоа го броиме на прсти и не е вообичаена пракса, секогаш ќе се соочуваме со такви проблеми, заклучува Ивона.
На ова се надоврзува нивната професорка, Елена Веселиновска, која го споредува односот на компаниите овде и во странство. Меѓународните компании, особено големите корпорации, ваквите натпревари ги гледаат само како можност да приграбат нови, квалитетни кадри.
-Овие натпревари се место за регрутирање на квалитетни кадри. Најголемите европски компании ги спонзорираат овие натпревари, со многу малку пари и таму испраќаат свои луѓе за препознавање на квалитетни кадри и да им понудат работа, вели професроката Веселиновска.
На крај од денот, за тоа што натегнува на вагата – останување или одење надвор се ценат неколку услови, зошто би заминале а зошто останале?
-Би останала поради посмирен начин на живот. Имав тримесечно искуство со работа во Германија и речиси се’ се сведува на работа и дома, работа и дома. Начинот на кој сме научени да функционираме овде во Македонија е многу поразличен од таму и некогаш воопшто не се во прашање финасии и сл. Кога нешто не ти исполнува, колку и да е добро, некогаш не е доволно добро, одговара студентката Арсова.
10% од студентите се запишуваат на факултет само за виза
Овие млади луѓе се во помалата група на млади луѓе кои во истражувањето што го спроведе професрот на Правниот факултет во Штип, Страшно Стојановски. Фрапантни 78 отсто од младите студенти и средношколци, нивни испитаници, иднината ја гледаат надвор од Македонија. Овој податок од истражувањето од 2017 година има благ пораст за 4 години,од 2013 година, кога ја направиле првата сондажа. 10% од матурантите се запишуваат на факултет, само за да добијат потврди дека се студенти и да заминат некаде во странство. После првиот семестар веќе се заминати.
Професорот Стојновски врз база на ова истражување лоцира неколку основи за заминување.
-Тоа е високиот степен на политизација. Младите нависитна сакаат да живеат растоварено од дневно политичките проблеми, на ист начин како нивните врсници во светот. Да, тие треба да бидет вклучени во носење одлуки, меѓутоа, дневно политички се оптоварени кога некој ќе ги вклучува во дневно – политичка мобилизација, цело време ќе се зборува за некаква нестабилност што потсвесно предизвикува страв и нормално дека бараат решение. Прво, се водени од глобализацијата и желбата да патуваат и запознаваат свет со подобри економски услови , кои нудат подобри перспективи. Понатаму, неизвеснота во земјата и регинот, силниот степен на политизација и бавниот степен на економски равој. Ние имаме извесен напредок, но стандардот кој го има Германија, не врувам дека некогаш ќе го достигнеме, резонира професорот Стојановски.
Нивното истражување покажало дека 40% од младите заминуваат да заработат и се вратат некогаш повторно, додека 15-20 % рекле дека веднаш заминуваат за трајно да се иселат и никогаш повеќе да не се вратат. Се’ повеќе млади размислуваат за трајно ислеување, што е погубно за нацијата и државата. Единственото нешто што би ги вратило овде, не е ниту подобрата економија, ниту подобрите услови за живтот, туку само семејството што ги врзува. Актуелната влада, која како опозија многу зборуваше на тема миграција на млади, најави дека ќе работи на засилување на економијата, како услов за задржување на младите. Професор Стојановски вели дека ниту една влада не сака вистински да создаде услови, каде подобрите и поквалитетните би го нашле соодветното место, туку дека државата сака граѓани кои партиски би ги мобилизирала.
Дали по подолг претстој во друга држава би се вратиле во Македонија? |
Да | Не | Не знам | Нема податок |
2014 | 50, 2 % | 17, 4 % | 28 % | 4, 3 % |
2018 | 40, 3 % | 15, 8 % | 41, 9 % | 2 % |
Извор: УГД
-Не само оваа влада, туку и сите претходни влади во изминатите дваесет годинини настојуваат да привлечат млади луѓе за да подоцна манипулираат со нив и ги користат за политичка мобилизација. И тоа доведува до фрустрација кај младите. Решение има и не би се сложил дека приватниот сектор нема подобри услови од државниот. Ако платата во приватниот сектор биде само еден денар повисока, веднаш атрактивноста на државниот сектор ќе почне да опаѓа.Меѓутоа, државата не работи на ова. Суптилно, сака да ги контролираат граѓаните и ги привлекува кон државната администрација со цел дневно политичка манипулација, смета Стојановски.
Остварување на сонот или подобри услови за живот?
Скајпот го замени реалниот живот и стана привид за семејство, кога родителите од дневната соба, со камера влегуваат во тесното потстанарско собче на ќерката или синот некаде преку океанот. Ова е една од многуте досетки, а сепак реални слики од животот, претставена на социјалните медиуми . Да, речиси и да нема семејство, кое нема макар еден член некаде во странство. 17- годишната Ана Манева има блиски роднини и во Европа и во Америка. Нема дилема дека по матурирањето ќе оди во странство, за каде веќе бара стипендии за студирање. Проблем е што нејзина љубов е актерството и пишаниот македонски збор, што ја прави речиси новозможна нејзината реализација во овие професии во странство. Тогаш што преостанува – сон или реален избор во животот?
-Тоа е една од моите најголеми дилеми, мојот талент, мојата желба е посветена кон уметничкото изразување на македонски јазик. И тој мој сон не сум сигурна колку би можела да го остварам надвор од Македонија, но не сум сигурна и колку би го остварила тука.
Тоа значи дека би се откажала од својот сон само за да имаш подобра егзистениција?
-На некој начин, можеби. Овде би ме задржало ако би нашла добра работа, ако би го работела тоа што го сакам и тоа што ме исполнува, но би имала доволно средства за егзистенција, тогаш не би ми пречело да останам тука, вели Ана.
Развиените европски земји интензивно равотат на привлекување на млад кадар. Стипендиите за студенти е една од формите. Според официјални податоци, само во Словенија во моментот студираат 600 студенти од Македонија со државни словенечки стипендии. Се’ поголем е бројот на млади кои сакаат да студираат во странство. Според истражувањето на УГД, околу 20% од младите средношколци сакаат да студираат во странство. Стипендиите, овие развиени европски земји ги даваат со надеж во позадина, дека младите студенти, еден ден како дипломирани кадри ќе останат во нивната земја. Меѓутоа, професорот Страшко Стојановски вели дека погрешна слика дава наметната „брејн дрејн“ кованица или одлив на мозоци. Во странство, вели Стојановски, особено од Источна Македонија, се иселува население со ниско и средно образование. Во перспетива, тоа значи дека цели региони ќе останат без квалификувана работна сила.
–Се иселуваат сите и уште поголем проблем се иселува работната рака за тој тнр. мануелен труд, ниска и средна квалификувана сила,за која веќе и речиси да немаме понуда на пазарот на труд. И ова ќе придинесе не само во делот на образованието, туку во севкупните перспективи на економијата. Ние не можеме да зборуваме за странски инвестии, дури и да немате, таа работна сила се доквалификува, но ако нема млада работна сила, нема ни инвестиции, нема да има ниту економски развој на државата, заклучува Стојановски.
Божидар, кој наскоро ќе ја добие верификуваната диплома за информатичар во Германија, вели дека при секое доаѓање во тактовината наместо напредок, туку назадување и среќава се’ повеќе луѓе кои прашуваат – „ќе има ли место горе и за мене’? До младите, но пред се’ до оние возрасните, кои ја креираат политиката во секоја смисла, има една порака:
-Колку што е можно да се елеминира партискиот систем во државата, што е најголемиот проблем. Затоа што на луѓето им е најлесно да се зачленат во партија, да мафтаат со знаменца и да се надеваат дека ќе добијат договор. Настори тоа , треба да се сплотат заедно и да се борат за своите права. Затоа што, вака манипулираат и политичарите и работодавачите со целото население, завршува Божидар.
Ова полугодие од учебнаа година завршува со еден несплавен рекорд во Штип. Од почетокот на училишната година во септември, се’до ноември, од штипските основни училишта се отпишале 48 ученици. Нивните родители изјавиле дека заминуваат во странство. Тоа значи дека секој втор ден во тие три месеци, заминувало по едно дете. Колку семејства се тоа, никој точно не знае да каже. Глобализација или нешто друго, експертите велат дека не вчера, туку многу одамна требало да се стори нешто. Сега, се чини, станува доцна.
Текстот е дел од проектот „Македонија не е само Скопје“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.