Валандовчани задоцнија со референдумот за рудникот Казан дол?
Предлогот за референдум, преку кој граѓаните на општина Валандово ќе се изјаснат за изградба на рудник, доаѓа во време кога компанијата веќе напредна во градежните работи. Почната e градбата на рудникот, се поставува магистралниот цевковод, оформени се бедемите на работното и на акумулационото езеро. Украинската компанија Сардич, која го гради рудникот, уште во 2015 година доби дозвола за градба, одобрена е еколошката студија. Се чини, граѓаните кои покренаа иницијатива за референдум, се пред свршен чин. Меѓутоа, иницијаторите не мислат така. Што преостанува како можност за оваа иницијатива?
Не отстапуваат граѓанските организации од Валандово. Охрабрени од успешниот референдум во Гевгелија, бараат граѓаните на оваа општина, преку ист таков референдум да се изјаснат дали треба да се гради рудникот за бакар и злато во Казан дол, на компанијата Сардич. Нивните аргументи се дека при експлоатацијата на рудата ќе се користи сулфурна киселина која и покрај тоа што ќе завршува во езерото, преку испарувањето ќе го оштетува здравјето на граѓаните. Освен тоа, како што велат иницијаторите, валандовско живее од земјоделство и рудикот директно ќе се одрзи врз дејноста на овој типично земјоделски крај.
Непосредно пред одржувањето на седницата на Советот на Општината Валандово, иницијативата „Спас за Валандово“ поднесе барање Советот да распише референдум во рок од 25 дена од доставувањето. Роберт Марков од оваа иницијатива, се повика на правото на граѓаните да одлучуваат за значајни прашања на непосреден начин.
-Сметаме дека референдумот е решение за овој проблем, затоа што, треба да се консултира населението. Исто како и во Гевгелија, треба да им се даде шанса и на валандовчани за се изјаснат дали се за Г1 индстустрија – тешка и загадувачка индустрија или сакаат општината да се развива со обновливи извори на енергија и земјоделство, го пренесе Марков ставот на иницијаторите.
Во тензична атмосфера, додека расправаше Советот на Општина Валандово, граѓаните извикувајќи надвор, пред општинската зграда, го очекуваа исходот од нивното барање. Меѓутоа, мнозинството во Советот го одби. За предлогот, кој беше ппддржан и од СДСМ, мнозинството советници од ВМРО ДПМНЕ гласаше воздружано, по што социјалдемократите ја напуштија седницата.
Додека траеше расправата, советниците влегуваа во меѓусебни дуели. Мнозинските советници од ВМРО ДПМНЕ сметаа дека е задоцнета расправата, додека опозициските, дека граѓаните немале шанса да се искажат на јавната расправа за еколошката опавданост на рудникот поради начинот на која била организирана.
-Ние не велиме дека таа седница не се одржала, туку дека на на таа јавна расправа присуствувале многу малку граѓани на Валандово. И најбитно, присутните валандовчани, тие што не беа донесени од страна на концесионерот, се изјаснија негативно во однос на прашањето за отворањето на рудникот. Извадете ги мислењата на тие луѓе и ќе видите какви се ставовите на валндовчани, беше предлогот на советникот од СДСМ, Дејан Марков.
Реплицираше претседателката на Советот на Валандово, Јасминка Сечкова, која читаше од документацијата од јавната расправа.
– Јавната расправа за локалитетот Казан дол е одржана на 30 март 2015 година во Домот на културата 25 Мај од Валандово. Меѓутоа, граѓаните биле информирани. Колку луѓе дошле, тоа е друго прашање. Да не реагирате зошто не дошол цел град? – рече Сечкова.
Тогаш независниот советник Благој Ташев предложи компнијата Сардич да одржи серија серија средби со граѓаните и да одговори на нивните прашања. Иако, како што рече, е задоцнето.
-Нека уште еднаш се образложи, нека разберат луѓето, зошто навистина, таму (на јавната разправа н.з.) беа триесет луѓе и три реда од Скопје беа, кажа Ташев.
Градоначалникот Николче Чурлинов изјави дека пред да се распише рефендум, треба да се чуе мислење на експертите. Поради тоа, на седницата, Општината ги поканила претставниците на Министерствата за екологија и за економија, но и сопствениците на компанијата Сардич, која е инвеститор на рудникот.
Пред се’ се грижиме за здравјето на луѓето, нивната безбедност и заштитита на средината. Никакво испарување на постои. Се работи за фабрика, која нема да има емисии во амбиентниот воздух. Бошко Сибиновски – директор во Сардич
-Бидејќи сме малку покомпетентни од вас да зборуваме за влијнието врз здравјето, бидејќи јас сум лекар по вокација, доста е, заврши времето да лекуваме преку интернет, рече градоначалникот Чурлинов.
Заменикот министер за економија, Кристијан Делев, ја обвини граѓанската иницијтива дека го користи референдумот за политички цели.
-Ако еден аргумент се донесе дека овој рудник или некој друг рудник од тие што планираме да се отворат во иднина во Република Македонија, загадува или ќе загадува, јас ви гарантирам дека тој рудник и таа постапка веднаш ќе застане. Тоа е нашата должност. Но, не е убаво да се злоупотребуваат луѓе, слики, разни настани како Чернобил или Фокушима за да се претстави целата оваа работа во Македонија. Еден аргумент да се донесе од сите тие невладини организации, кои се платени да ја прават оваа негативна кампања против рударството во Македонија, а според мене е кампања која има многу подлабока цел и намери за нас како држава и граѓани, обвини заменик министерот Делев.
Никој од присутните од институциите не одговори на прашањето на граѓаните, зошто се препорачуваат прегледи на децата од Казан дол на секои шест месеци. Директорот на Сардич, Бошко Сибиновски убедуваше дека технологијата што ќе ја употребуваат при преработката на руда, не прави штета врз здравјето на луѓето и животната средина.
-Се работи за технологија која е компатибилна со заштитата на животната средина. Пред вас е студијата, опишани се сите можни влијанија и опишани се заштитите. На крајот на денот, нашите работници работат таму. Ние работиме таму. Пред се’ се грижиме за здравјето на луѓето, нивната безбедност и заштитита на средината. Никакво испарување на постои. Се работи за фабрика, која нема да има емисии во амбиентниот воздух. Се работи за фабрика која нема отпадни води, туку, дури и комуналните води од административната зграда низ пречистителна станица, која ја градиме во моментот, одат во процесот на производството и рециркулираат во тој процес, објаснуваше Сибиновсски.
Случувања во валандовскиот совет се само продолжение на жестоката медиска кампања на убедување во оправданоста на отворањето на рудникот од страна на државните институции. Ова следеше веднаш по успешниот референдум во Гевгелија, која ги охрабри иницијаторите и во Валандово да има граѓанско изјаснување преку рефрендум.
Сепак, останува отворено прашањето, дали навистина референдумот не е задоцнет, бидејќи рудникот на Сардич има дозвола за градба од 2015 година, откако двапати ја корегирала еколошката студија по барање на Министерството за заштита на животната средина. Во август минатата година, беше поставен камен темелникот на рударскиот комплекс.
Залогот на компанијата Сардич е голем. Рудникот има резерви од 33 милиони тони руда, кои гарантираат дека ескплоатацијата на рудникот, само по овие наоди, ќе треа најмалку 20 години. Сардич работи на уште две нови наоѓалипта во Плавуш кај Валандово и Петрашинце во Општината Старо Нагоричане. Целата инвестиција изнесува 33 милиони евра.
Но, од друга страна, граѓанските аргументи дека нивното здравје и животната околина е побитното прашање. Засега институциите делуваат оркестрирано дека референдумот нема да реши ништо, со што не се согласни граѓаните.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.