(Видео)Наоѓањето на преживеаното девојче беше голема радост во бескрајно тажната приказна – со Надир Мурсели, спасител и алпинист
Две недели по враќањето од разурнатиот регион во Турција, алпинистот и спасител Надир Мурсели од Тетово ја има во глава сликата од разурнатата седумкатница, каде како некое божјо чудо, по цели седум дена беше пронајдено и спасено десетгодишно девојче. На радоста и’ немаше крај, раскажува Мурсели, но тажно е што девојчето е единствениот преживеан во големата зграда, чии станари земјотресот ги затекна на спиење.
Од првите знаци за живот под урнатите до наоѓањето на спасителите им требало повеќе од три часа.
– Девојчето беше живо и тоа беше голем момент за сите нас, голема борба да се ископа тунелот да се дојде до девојчето. Истовремено беше многу опасно додека се дојде до него. Нешто повеќе од три часа копавме, се вадеше земјата… Многу битна беше линијата правецот кон неа за на крај да ја пронајдеме. Беше вистинско чудо како преживеала. Седум дена беше внатре – 150 часа. Целата седумкатница беше урната цела врз неа. Мајка и’ ја најдовме блиску до неа, но за жал, не преживеала, на овие драматични момент Мурсели се наврати во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Овие момент на извлекување, тетовскиот алпинист вели дека се тоа големи радости во целата тажна приказна, кога под остатоците од разорниот земјотрес во кои загинаа близу 51.000 луѓе, се вадеа само тела на починати.
-Среќен сум што успеав да бидам дел од тимот што спаси човек. Човечкиот живот е најскапоцен, рече Мурсели, кој водејќи се поривот да помогне, само отишол во Турција и им се придружил на спасителите.
На неговиот профил на Фејсбук се’ уште може да се прочита повикот до хуманите луѓе заедно да отидат во настраданите подрачја во Турција. По неуспешните повици, ја спакувал својата алпинистичка опрема и заминал за Истанбул. Таму му помогнале роднини и пријатели. Се придружил на тим спасители од Република Српска заминал во Кахраманмараш, каде работел шест дена како спасител и преведувач.
Стигнале и се пријавиле во полициска станица, по што се сместиле во интернат. Само што склопил очи, го дочекал нов непријатен проблем. Го разбудиле службите, кои кажале дека двајца луѓе, кои патувале со нив се крадци и се дојдени да крадат во разрушените живеалишта на несреќните луѓе погодени со земјотрес.
-Тоа е најстрашното нешто што може да се случи, вели Мурсели.
Веднаш наредниот ден биле испратени во базата, каде се сместени странци, од каде се прават тимови спасувачи за на терен.
-Додека седев во автобусот забележав некоја група и излегов, токму во моментот да чујам дека бараат преведувач, додека докторката правеше преврска на кучето трагач. Се пријавив, не чекав ни секунда, со опремата отидов во нивниот камп и тргнавме на терен според координатите на турската служба. Отпосле додека работевме на една плоча и видоа дека сум алпинист и се зближивме уште повеќе со тимот, раскажува понатаму Мурсели.
Заедно со тимот,во потрагата по живот под урнатините, било вклучено и кучето Тора.
-Ме импресионира кучето Тора. Таа беше главната што бараше секаде луѓе. Фасцинатно е колку е спремно, обучено, колку беше храбра. Буквално се бореше да најде луѓе. За жал, повеќето беа мртви што ги најде, рече во „Стадион“ Мурсели.
Алпинистот, кој освоил многу планински врвови, најголемата радост на освојување ја доживеа на земја, додека со тимот спасители копал и успеал да спаси човечки живот.
По 20 години живот и работа во Швајцарија, пред три години, Надир Мурсели од земјата на високите планински врвови се вратил дома, во родното Тетово, во обратен правец од најчестата маршута на многу македонски граѓани.
-Треба да бидеме таму каде сме најсреќни, да не исполнува тоа што го правиме, кратко го објасни мотивот за заминување од Швајцарија.
Потрагата по преживеаните од земјотресот во Турција и Сирија е завршена. Нашите спасувачи беа тимовите од 90 земји, кои бараа живот меѓу урнатите згради. Во Турција заминаа сто македонски спасувачи, пожарникари, багеристи, кои помагаа на терен. Сите се со страшните слики, што може да остане од човечкиот живот по само 80 секунди разорен земјотрес.