(ВИДЕО) Блаже Сапунџиев примател на бубрег: Верица ќе продолжи да живее во сите спасени животи

Немам доволно зборови што можам да искажам кон нејзините родители за таквиот хуман гест. Огромна благодарност чувствувам кон семејството. Животот на младата Верица Белчовска згасна прерано, а нејзините родители решија да помогнат на тројца, четворица пациенти и да спасат животи, изјави за емисијата „Стадион” на Радио Канал 77, Блаже Сапунџиев, примателот на бубрег по успешната трансплатација минатата седмица.

Восхитувачкиот потег на органодарителство на семејството на младата Верица Белчовска, која го загуби животот во сообраќајна незгода, ги продолжи животите на дваесет и осумгодишниот Блаже Сапунџиев од Кавадарци и уште еден 40-годишен пациент.

-Бев изненаден, не очекував така да биде, од кадаверичен донор толку брзо да добијам бубрег. Знаете како, свеста на народот кај нас по ова прашање не е на високо ниво, но огромна благодарност чувствувам до фамилијата. Животот на Верче прерано згасна, а ваквиот чекор на
нејзините родители помогна да се спаси животот на тројца, четворица пациенти, понатаму и на повеќе луѓе што можат да се спасат и на други начини, срце, карцином, бубрези, изјави Сапунџиев.

Заздравувањето оди подобро од очекувањата за него и бубрегот е одлично прифатен од неговото тело. Докторите допрва треба да одлучат кога ќе го пуштат на домашно лекување.

-Немам доволно зборови што можам да ги искажам кон родителите за овој хуман гест. Некако мислам дека е прерано да стапам во комуникација со нив, бидејќи тие се во огромна тага. Не ја познавав Верче, но чувствувам огромна загуба, вели Сапунџиев.

Тој се заблагодари на докторите Дохчев и Ставридис, медицинскиот персонал за постојаната грижа и досега направеното и упати порака да се прифати тоа дека органодарителството е највисок благороден хуман чин и може да го спаси животот на другиот.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background