Христов националната припадност на неговиот чичко Гоце Делчев ја објасни пошироко. Рече дека неговите предци дошле од Македонија во Кукуш, како Македонци, а се Бугари како припадници на народ. Неговото толкување е дека да бидеш Македонец значи да си човек од Македонија.
-Човекот има роднини, со кои чинат род, а родовите чинат народ. Да бидеш Македонец значи да си човек од Македонија, на тој начин човек кој од Штип е штипјанец, ако е од Македонија е Македонец. Така тоа го разбираме ние и нема ништо контроверзно, не знам каде сте виделе контраверза или некој многу излагал. Голема глупост – страшна глупост е, рече Христов, кој негираше дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин за да се школува и тоа го нарече глупост.
-Тоа е 19 век и почеток на 20 век, и во тоа време, тие кое доаѓале од Макеоднија им викаме Македонци, такви се и моите предци, тие дошле од Кукуш. Тие и се Македонци и кукушани и како Б’лгари припадници на народот. Тоа се мажи и жени, писмени и неписмени, но тие се дел од едно исто семејство, изјави Христов.
На прашањето како тогаш треба да се запише Гоце Делчев, Македонец или Бугарин, како треба да постапи Историската комисија, Христов вели дека тоа е работа на Комисијата но при тоа, нема да му е пријатно да лажат, и додаде дека за „било кој нема значење од каде е“.
-Тоа да го направат доволно културно, да направат да биде точно и да одат напред работите да не стојат во едно место.
Христов појасни дали е доволно да пишува: „Гоце Делчев учел во бугарско училиште и бугарска воена академија, се борел за автономна, независна Македонија, бил македонски револуционер.
-Една од тие работи не е прифатлива. Автономна и независност, тоа се две различни работи. Не сме навикна да ги мешаме работите – тоа е по принцип салата и ракија – нема потреба да ги мешаме. Треба да знаеме што е ракија, што е салата. Автономна Македонија е различна од независна Македонија, ако може да ја направат таа разлика во учебниците. Тогаш борбата е била за автономна Македонија и одринско. Да ги отворат документите и да имаат очи да читаат што пишува. Не да измислуваат. Пишува јасно, може да го прочитаат, изјави Христов.
На инсистирањето за одговор на прашањето дали Гоце Делчев бил македонски револуционер, Христов одговори:
„Да, тој е македонски револуционер, тој е од Македонија и бидејќи е од Македонија тој си е е Македонец, изјави внукот на Делчев.
За себе вели дека е Бугарин.
-Никаде не сум кажал дека не сум Бугарин, ќе лажам. Јас сум Бугарин, тоа се и моите татко и мајка, такви ќе бидат и моите наследници. Ние сме просто такви какви што сме. Ние сме наследници на луѓе кои дошле од Македонија и бидејќи дошле од Македонија тие се Македонци, многу е едноставно. Ако е од Берлин, тој е берлинчанец, појасни Христов.
Сепак, прашан за тоа која би била најточна одредница за Гоце Делчев, дали тоа би било дека е кукушанин, Христов одговори:
-Зошто да е најточна?! Си има уште 50 други што се точни. Тој е маж роден во Кукуш, кукушанин, православен, тој е Бугарин и сите тие се точни како и за првото и за последното, како за него ,така за сестрите, родители, и за наследниците. Тој е едно исто и се повторува со години, одговори Христов.
Тој изјави дека Историската комисија официјално до сега не викнале да разговараат ниту со него, ниту со некој друг член од семејството, но смета дека треба да најдат најдобар начин како да го претстават Делчев. Вели дека неговиот чичко бил православен, а не унијат, додека никогаш не бил масон.
Хрисов препорачува што побрзо да се реши застојот во македонските интеграции, бидејќи неговиот став е дека треба да се чекори заедно со другите држави, бидејќи стоењето во место значи тонење.
Како уметник, Христов го критикуваше односот на македонското Министерство за култура, за кое, како што рече, две години не му одговара на писмата и предлогот за соработка.
-Таа институција молчи – да ги праша човек за што ги трошат парите, тоа се пари на народот. Водам меѓународна фондација по името на Гоце Делчев, до овој момент, а тоа се две години, нема никакви одговори. Министерството за култура на Македонија не одговара. Треба да се чукнат по главата, да се сетат нешто да направат, рече Христов во „Стадион“, оценувајќи дека треба да се водат заеднички македонско – бугарски проекти.
Иако е Бугарин, како што се изјаснува, внукот на Гоце Делчев многу добро го говори македонскиот јазик, што како што изјави се должи на комуникацијата со негова другарка од Прилеп.
-Пред 20 години имав другарка од Прилеп, таа ме научи, беше страшна Македонка, беше великолепна, за жал, таа не е жива, рече Христов.
Деновиве Христо Христов беше во Брисел и на средбите со официјални лива ја изнесе идејата за поттикнување на културни проекти меѓу Македонија и Бугарија.
В.К.