ВИДЕО: „Вина Девица“ е музички чекор понатаму за Јовче Пандев
Талентираниот струмичанец Јовче Пандев кон својот прв албум се движи самоуверено, со музичка низа која следни конкретна приказна верна на неговиот стил како музичар, но и како човек. Чекор понатаму оди со најновата „Вина Девица“, која додава во разноликоста на неговиот музички мозаик.
„Ова е поразличен призвук од претходните две песни. Во случајов има некаков блуз кантри призвук кој дава чувство единствено на „возење“. Текстот зборува за еден искрен морал, кој се оправдува единствено со желбата за малку блудничави постапки на релација жена-маж и обратно. Па нели целта ги оправдуваше средствата…“ – изјави Јовче Пандев за Канал 77.
И на ова парче се потпишува истата екипа со која Пандев работеше и претходно. Аранжманот е на Иван Петровски а Горан Гешовски става потпис на mix and mastering. Музиката и текстот се на самиот Јовче Пандев, а гитарскиот риф е идејно решение на Живко Барбутов. Видеото го режира Столе Ангелов, според приказна инспирирана од Пандев.
За средината на декември, Пандев најавува ново, дуетско парче. Во меѓувреме уживајте со последното од него.