(видео) Во МРТВ повеќе место за среднисти отколку за млади со факултет – дали е обид за девалвација на новинарската професија?

Со Систематизација на работни места во јавниот сервис МРТВ во моментот има предвидено 175 слободни места со средно образование, а само деведесетина со високо образование. Овој податок во емисијата „Стадион“ на Канал 77 го изнесе Фиљана Кока, новинарка во јавниот сервис и кандидатка за претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Според Кока, ова се случува покрај постоењето на четири универзитети со факултети за новинарство, во јавниот сервис кој треба да биде пример за стандарди и професионалност, да се вработуваат новинари со средно образование.

-Не смееме како професија да си дозволиме да се занемарува образованието. Тогаш, зошто да учат младите, кога за 4 години некој друг веќе направил стаж?! Самите менаџери, сопственици треба да водат сметка за тоа со какво образование вработуваат како новинари. Може  тоа намерно се прави за новинарите да се држат во неповолна состојба и да му дадете минималец бидејќи е со средно образование, смета Фиљана Кока.

Во емисијата учествуваат сите тројца кандидати за претседател на ЗНМ, чиј избор е во текот на денот. Марјан Николовски рече дека проблемот е што никој не дефинира какви новинари и што е новинар, за што вината ја префрли на ЗНМ, која до сега заедно со останатите организации нема седнато да разговара со сопствениците за потпишување на Колективен договор.

-Како да зборуваме за новинарство кога немаме правила на игра, рече Николовски.

Тројцата кандидати ги споменаа и претстојните промени на Законот за АВМУ, со кој се враќаат владините јавни кампањи, како што рекоа, како во „времето на Груевски“.

Николовски смета дека треба да има кампањи, но и фонд за медиуми наменет за специфични групи и организации. Младен Чадиковски смета дека јавните кампањи се непотребни, туку јавните пари треба да се насочат кон фонд за медиуми за продукција, додека Фиљана Кока е на став дека треба да се преземе успешен пример од европска земја.

-Државата не смее да биде главен финансиер во медиумите, бидејќи  видовме какво беше искуството – преку владини кампањи со овој закон како што се цели, на две на три да се однесе, имаше само тенденција тој закон медиумите да ги претвори во своја машина. Доколку имаат чесна намера, власта и опозицијата да ни понудат европски модел за се’ што мислат дека нема да ја загрози слободата на медиумите и да ги претворат медиумите во своја алатка само затоа што дале пари. Доколку прифатат европски модел кој го има на други место и функционира, ако не ќе биде се’ исто како во време на Груевски, изјави Кока.

-Основно непознавање е јавниот сервис да се споредува со приватен бизнис. Втора работа, сум за фонд за печатени, малцински и локални и регионални медиуми затоа што не се конкурентни. Овој фонд би бил за колегите од страна.

Марјан Николовски е за законско решение за кампањи од јавен интерес, но да постои и фонд за медиуми наменет за продукција, во кој главниот збор нема да го имаат големите медиуми.

-Да постои и законско решение за јавни кампањи за јавен интерес и ЗНМ да биде во тело кое ќе дефинира какви кампањи. Дополнително средствата за локалните јавни кампањи да бидат со 90% да припаднат на локалните и регионалните медиуми. Сметам сека треба да постои и фонд за медиуми, но со таргетирање на содржинскиот аспект, да финансира содржина. Но во тој фонд директно да не аплицираат големите телевизии, туку здруженијата, новинарските иницијативи,  во кои ќе се здружат новинари и продуценти, да го закупат просторот на медиумите  за  емитување на тие содржини, изјави Николовски.

Младен Чадиковски, кој до сега беше на чело на ЗНМ, го дели познатиот став на новинарските здруженија дека јавните пари треба да одат во фонд за медиуми.

-Средствата од фондот за медиуми потоа да се наменуваат за новинарска продукција. Се што недостасува во нашите медиуми да се финансира со тој фонд и да го крене квалитетот на продукцијата. Парите да одат за тоа, тоа се пари на граѓаните и треба да го следат јавниот интерес, а не како сега да се емитуваат само серии, шоуа,  неквалитетни содржини. Во локалните и регионалните медиуми е уште полошо. Барем 60% од овој фонд да биде наменет за локалните и регионалните медиуми, рече Чадиковски.

Овие ставови беа дел од дебатата што на Канал 77 се емитуваше во пресрет на денешното Собрание на ЗНМ каде ќе се избере нов претседател со органи на управување.

На Собранието присуствуваат 456 новинари и медиумски работници од вкупно 815 колку што се зачленети во Здружението, а до сега покрај изборот на комисиите за работа на комисијата присутните го усвоија извештајот за работата на ЗНМ и финансискиот извештај за 2022 година.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background