(Видео) Кога ќе играме со Бугарија ќе навивам за Македонија иако се чувствувам како Бугарин, вели новинарот Владимир Перев
Зборуваат дека односите ни се многу лоши, но јас најодговорно тврдам дека односите никогаш не биле добри. Ние, како македонски народ, кон Бугарите секогаш сме имале презир и омраза. Ова го истакна во емисијата „Стадион“ на Канал 77, новинарот Владимир Перев зборувајќи за односите меѓу двете држави и неодамнешните случувања.
На коментарот на водителот Наумов дека алузијата е лоша и дали Бугарите треба да земат оруже и да го направат истото, Перев вели дека тие не можат да го направат тоа бидејќи се уште се окупирани.
– Бугарскиот проблем е многу сериозен, Бугарите пробаа три-четири пати и не успеаа. Дури сега Бугарија почнува да учи политика и да го имитираат Тито и Караѓорѓевиќ. Тоа се добри лекции и некој од модерната бугарска политика ги научил и ги применува, вели Перев.
– Јас сум син на оваа македонска земја без разлика што се чувствувам како етнички Бугарин. Јас го знам македонскиот менталитет, комисите се приказни со кои македонската страна се обидува да го одложи решението чекајќи некој да помогне, Американците и Германците, особено Американците. Но од таа работа нема да биде ништо, па дури и Радев да почине или замине. Бугарското општество е инструментализирано и со отворени очи кон секое посегнување во нивната историја што додека не се решат главните прашања, најпрво да се внесат Бугарите во уставот, па после другите четири услови, нема да биде ништо, потенцира Перев.
Тој истакна дека на пописот се попишал како Бугарин и никој не му правел никаков проблем, не му ни побарале никави документи за да докаже, па вели дека на целиот процес не може да се пожали.
Одговарајќи на прашањето на водителот дали таква ситуација може да се случи и во Бугарија на тамошниот попис, македонците слободно да може да се попишат како македонци, тој вели дека не знае како изгледа бугарскиот анкетен лист, но се сомнева оти некој некому би му забранил да се изјасни како македонец.
– Сите ќе навиваме за Македонија. Да беа признаени и правата на бугарите во Македонија, покрај македонците, и Ванчо Михајлов ќе навиваше за Македонија, вели Перев, коментирајќи дека ако Бугарија игра со Србија, Грција или Турција, тој ќе навива за Бугарија.
– Зошто имало Дом на Ванчо Михајлов во Битола? Па зошто има статуа на Хасан Бег Приштина во сред Скопје?Ванчо Михајлов и Хасан Бег Приштина имаат склучено договор кој ја оцртува територијата на Македонија со етничките бугари и етничките албанци. Па ако заедно твореле нешто заедно треба да имаат споменик, ако разградувале нешто заедно тогаш и на Хасан Бег да му се турне споменикот, рече Перев, прашувајќи и зошто има споменик и на Кемал Ататурк и со што тој го заслужил тоа.