(Видео) Кристина Атовска: Светската премиера на „Приспивни сирени“ ќе се случи во април на фестивал во Палм Бич, во меѓувреме освои 7 први места

Филмот„Приспивни сирени“ на новинарката Кристина-Крис Атовска ја имаше својата премиера во Македонија на 27-ми февруари.

Светската премиера ќе се случи во април на фестивал во Палм Бич, Флорида, најави Атовска во денешното гостување на емисијата Стадион на Канал 77.

„Можам конечно да најавам дека светската премиера , што е многу важно за едно филмско дело, ќе биде во април на фестивал во Палм Бич. Тоа е еден стар и познат фестивал. Пари допрва ќе бараме и со малку повеќе среќа можеби и ние ќе бидеме присутни на таа светска премиера. Во меѓувреме филмот веќе е во оптек. Досега имаме седум први места и уште петнаесетина селекции,“ кажа Атовска во денешното гостување во емисијата Стадион.

Филмот „Приспивни сирени“ е независен долгометражен документарен филм кој ги покрива првите четири месеци од војната во Украина. Се работи за лична приказна, раскажана од режисерката на филмот, Кристина Атовска која беше единствената македонска новинарка која беше во Украина, два пати. Фокусот на овој филм се луѓето кои одлучија да останат да живеат во војна. Преку нивните раскажувања ги гледаме сите лица на војната, од злосторства против цивили, до солидарност како форма на отпорот. Патешествието на Кристина почнува од Лвив, преку окупиран Киев и битките на житомирскиот автопат, масакрот во Ирпин и Буча, посета на војниците на првата линија на огнот и завршува под непрекинато бомбардираниот Харков. Филмот е испродуциран од Виктор Петрески (In Digital Production) и украинскиот ко-продуцент Олександер Недбаев (Prime Story Production).

Во Македонија филмот се уште не се прикажува, но за еден месец ќе се најде на редовен репертоар, информираше Атовска.

Во денешното гостување во емисијата Стадион, Атовска зборуваше за тоа како заминала за Украина, зошто заминала, за предизвиците со коишто таму се соочила, за искуството , за емоциите и како и човечките приказни со коишто се соочила а кои што нашле место во нејзиниот филм.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background