(Видео) Моите реакции се минимум, оти мора некако да го искажам својот револт, вели Арсовска за „панаѓурските“ седници на Советот
Градоначалникот има суверено право да се обрати пред советот, колку пати сака и по колку време сака, вели градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска откако вчера претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, и го исклучуваше микрофонот на говорница, па таа го нарече Талат Славески. Таа во емисијата „Стадион“ на Канал 77 рече дека нејзините реакции кои ја брануваат јавноста во изминативе две недели се минимум, бидејќи мора нејзиниот револт да го искаже на некој начин.
Со претседателот на Советот, Славески, вели немала никаква комуникација, затоа што како што рече немале теми на кои ќе комуницираат. Со Мицкоски, пак, вели дека имала комуникација пред шест месеци, но не потенцира дали се слушнале или се виделе, туку само дека зборувале за Град Скопје.
Во однос на тоа што беше обвинувана дека прави промени во кабинетот, таа рече дека кабинетот и е ист како на Шилегов и Трајановски.
Запрашана зошто сега повторно има предвидено 120 вработувања во ЈП „Водовод и канализација“, таа вели дека и ова е програма која ја поднел претходниот директор кој таа веќе го разреши. Вели се работи за сериозна бројка и недозволиво е да се вработуваат толку луѓе без никаков критериум и конкурс, и тоа на определено време, преку агенција.
– Сериозна бројка е тоа и допрва треба да биде предмет на анализа, како градоначалник јас не треба да давам согласност на директорите за вакви вработувања но тие одговараат пред советот, единствено што можам е да го ревидирам нивното работење, вели Арсовска и додава дека во Град Скопје има премногу администрација, а премалку луѓе за терен, а исто така тие се и помалку платени.